Општина Битола не се откажува од изградбата на регионалната депонија во Новаци

Ова е најдоброто решение за да се затворат сите диви депонии и третирањето на отпадот на современ начин, беше речено на вонредната седница на Советот на Битола


Вака изгледа сега дивата депонија во Мегленци

 

БИТОЛА – Во Пелагонија ќе се гради регионален систем за управување со отпад, а не како досега нестандардна депонија за складирање на ѓубришта. Ова е ставот на локалните власти во Битола по реакции во јавноста и недоволната информираност за каков систем на одлагање на отпад станува збор.

Ова следува по едногласната одлука на Советот на Општина Битола од 28 февруари, за меѓуопштинска соработка и формирањето на комисија за формирање на регионално претпријатие за справување со отпад за 18 општини (Новаци, Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод) од југозападниот регион со седиште во Општина Новаци.

Битолчани по веста со бурни реакции „за“ и „против“ изградбата на регионален систем за управување со отпад.

„Секоја општина нека си има своја депонија. Нѐ плаши моментот на транспортирање и одлагање на отпадот, нека кажат каква е таа фабрика за регионален отпад?“, пишуваа граѓаните на социјалните мрежи.

Денеска во Битола се одржа вонредна седница на Советот на која плановите за  изградба на регионален систем за управување со отпад ги образложија градоначалникот Тони Коњановски и претставник на Министерството за животна средина.

„Од една страна имаме нестандардна депонија и одлагање на отпадот, а од друга страна имаме можност за изградба на регионален центар за управување со отпад, она што сите го бараме. Проектот е отпочнат во 2018 година, тогаш сме биле во опозиција, сме изгласале и одлука на Совет за формирање на регионален центар за отпад во општина Новаци. Треба сите да сфатиме дека денешната состојба со депонијата Мегленци е неиздржлива. Цела Македонија, а и како град се повеќе сме затрупани со диви депонии, ѓубришта, но не организиран систем“, рече Коњановски, додавајќи дека ги прифаќа стравовите и размислувањата на граѓаните, бидејќи целиот овој систем за управување со отпад не бил доволно објаснет за јавноста.

„Верувам граѓаните ќе прифатат систем како во европските земји, таму спроведен уште во седумдесеттите години. Прво селектирање на отпадот уште од домовите“, рече Коњановски, велејќи дека ова го зборува не само како градоначалник, туку и како лекар-епидемиолог, татко и дедо.

На крајот на прашањата од граѓаните присутни на седницата, градоначалникот повика на доверба во системот.

Овој проект за изградба на регионален систем за управување со отпад е поддржан со кредит од Европската банка за обнова и развој.

„Проектот го правиме за да имаме придобивки за животната средина, за здравјето на луѓето пред сѐ. Досегашниот систем за управување на отпад во нашата земја е на многу ниско ниво, ќе треба да се овозможи нов регионален систем за управува со отпад кој ќе ги задоволува и националните стандарди и ЕУ стандардите. Сега штетите од несанитарните локации за отстранување на отпад се големи“, рече Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на секторот на отпад во Министерство за животна средина.    

Според неа проектот во Пелагонија е во постапка на подготовка на тендерска документација, идеен проект врз чија основа ќе се распише меѓународен повик за изведба на работите. Покрај регионалниот центар, предвидена е изградба на претоварни станици, затворање на нестандардната локација во Мегленци. Набавка на современи возила и контејнери за примарна селекција на отпадот која ќе биде задолжителна. Органскиот отпад ќе биде претходно третиран, депониран и покриен, за да нема дополнителни влијанија врз животната средина.

Советникот Кире Климески, инаку стручен за животна средина, накрај на расправата рече дека во моментот депонијата во Мегленци е дива депонија чекајќи со години да стигнеме до нов систем за управување со комунален отпад.

„Во моментот ја имаме таа шанса да направиме нов систем за управување со комунален отпад. Теренот во Мегленци да го ревитализираме, да се врати во првобитната состојба и да почне да функционира новиот систем по сите европски стандарди. Во ниту еден процес изградбата на ваков систем нема да има негативно влијание врз нашето здравје. Оттука немаме проблем да дадеме поддршка за ваков центар за одлагање на отпад“, рече Климески.