Општина Битола ќе издвои 32.000 евра за семејствата на настраданите во Кочани


 

БИТОЛА – Советот на Општина Битола денеска на вонредна седница донесе одлука од буџетот на Општина Битола да се издвојат 2 милиони денари финансиска поддршка за семејствата на починатите и повредните во големата трагедија во Кочани. Советниците едногласно ја донесоа одлука со порака за искрено сочувство до 59 семејствата на загинатите во големиот пожар во дискотеката „Пулс“  во Кочани и порака за брзо опоравување до семејствата на повредените во несреќата.

Од почетокот на оваа недела на жалост, Општина Битола спроведува контроли во угостителски објекти во градот во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола.

Родители на малолетници од Битола често реагираат дека нивните деца имаат пристап до некои локали во градот и по полноќ и дека често влегуваат со туѓа лична карта. Додека пак има кафетерии и ноќни клубови кои строго се придружуваат до законот.

Во летниот период често се прават заеднички контрола на надлежните институции околу присуство на малолетници во локали и точење на алкохол на малолетни лица.

Општинскиот инспекторат деновиве врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност дали ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот од Министерот за економија.

„Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина“, информира денеска Општина Битола.(А.Б)