Општ хаос на крајот на откупот на тутунот, тврдат тутунарите 

Откупни компании ги затвориле пуктовите на многу места низ државата иако иако откупот законски трае до 28 февруари


Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, во обиколка на откупни пунктови во Прилеп

 

БИТОЛА – Тутунари обвинуваат дека владее општ хаос на крајот од откупот на тутунот, додека од Сојузот на тутунопроизводителите убедуваат дека откупот е успешен, но дека тутунарите се враќаат да го досушат тутунот.

Откупни компании ги затвориле пуктовите на многу места низ државата иако тутунопроизводителите сѐ уште имаат тутун за предавање, а откупот законски трае до 28 февруари, обвинуваат тутунари чии тутун не бил откупен наводно поради недосушеност. Годинава Сојузот на тутунари и МЗШВ се пофалија дека имаат одлична откупна сезона а тутунот оди со просечна цена од 419,15 денари, што е за речиси 20 денари повеќе од лани.

Денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, беше во обиколка на неколку откупни пунктови во Прилеп при што кажа дека досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра. Високи 95,6 проценти од откупениот тутун е исплатен кон тутунопроизводителите. 

„Секоја откупна компанија ќе има отворени откупни пунктови во секој регион, до крајниот рок до кога трае откупот на тутунот. Сѐ она што ќе остане и е вредно за предавање ќе биде откупено од тутунските компании“,им порача министерот Трипуновски на тутунарите.  

Тутунопроизводитрелите пак јавно реагираат дека има уште тутун за откуп, тутунот се враќа и се цени во класи и со одбитоци.  

„Тутунот се откупува по класи, што значи дека цената не е 420 денари, ве лажат“, вели производителот Душко Колески. 

Тутунарот Иле Аврамоски вели дека откупувачите го бираат тутунот лист по лист како да е ориз, зрно, по зрно и така го откупуваат.

„Тутунот ни го враќаат, бил влажен, да се досушел, бил ‘есенски’ не бил ‘летен’. Но, не е проблем само влажниот тутун, заради тоа и реагираат најголем дел од тутунарите. И летниот тутун ни го земаат во класи и со одбиток, спротивно на тврдењата на министерот и Сојузот кои убедуваат дека тутунот се откупува во една класа, прва класа“, реагираат тутунари од Пелагонија. 

Национална земјоделска мрежа јавно реагира дека внимателно ја следи состојбата со откупот на тутунот од реколтата 2025 година, и како што наведуваат за жал и покрај сите укажувања од здружението и од страна на тутунарите, кај откупните компании се случува општ хаос во откупот на преостанатите количини на тутун.

„Повеќето откупни компании биквално се изживуваат со макотрпниот труд на тутунарите. Јавно повикуваме под итно надлежните Министерството за земјоделие, Земјоделскиот инспекторат вклучително и Сојузот на земјоделски здруженија веднаш и безусловно да излезат на терен и да ги преземат сите законски надлежности, но и одговорности и да престане овој хаос и грубо изживување врз маката на тутунарите“, повика Ѓорги Каракашев претседател на Национална земјоделска мрежа.

Претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Киро Ристевски, вели дека не е точно дека владее општ хаос во откупот на тутунот, туку дека се врши намалување на пунктовите за откуп, бидејќи се и намалени количествата за откуп на тутунот.

„Да не се плашат тутунопроизводителите, целиот род ќе им биде откупен. Треба да бидат трпеливи, да им се исуши тутунот и да може да им биде откупен во прва класа“, вели Кирo Ристевски.

Годинава 700 илјади евра ќе легнат на сметката на Сојузот на земјоделски здруженија од откупот на тутунот, па тутунарите бараат вистинска заштита за секој договорен, произведен и предаден килограм тутун.

Игор Мирчески, добар познавач на состојбите во тутунопроизводството, поранешен координатор на новите тутунарски здруженија, обвинува дека тутунарите остануваат без институционална поддршка, додека откупните компании, без ефикасен надзор и без отпор, ја диктираат динамиката на откупот, класите и одбитоците- „Ова не е само системски пропуст, туку сериозен удар врз довербата на производителите“, смета Мирчески.

„Незадоволството кај тутунарите континуирано расте. Производителите со години плаќаат членарина за институционална заштита која, во пракса, изостанува. Наместо активен преговарач, добиваат пасивен набљудувач. Наместо заштитник – противник. Сојузот постојано се соочува со лажна дилема: дали да застане зад тутунарите, поради кои постои, или зад политичките структури кои му ја овозможуваат функцијата. Во реалноста, изборот најчесто е на страната на личните и партиските интереси, на штета на илјадници семејства кои егзистираат од тутунот. Последиците се сериозни“, наведува Мирчески и предочува:

„Тутунарите остануваат без институционална поддршка, додека откупните компании, без ефикасен надзор и без отпор, ја диктираат динамиката на откупот, класите и одбитоците. Ова не е само системски пропуст, туку сериозен удар врз довербата на производителите“.

Дел од земјоделските здруженија вклучително и Националната земјоделска мрежа се во процес на подготовка на предлог инцијатива со конкретни предлози и решенија за измени на Законот за тутун.

За нив е особено важно во законот прецизно да се дефинираат начинот на формирање на цената на ретки суровини, каква што е тутунот, факторите кои мора да се земат предвид при вреднувањето на еден ваков бренд каков што е македонскиот тутун и неговата реална вредност на светскиот пазар.

Од Сојузот на земјоделски здруженија пак велат дека да завршат празниците, ќе ги започнат разговорите со откупувачите за договорите за реколтата 2026 и за новите цени за тутунот, а со Министерството за земјоделство ќе разговараат за измените на Законот за тутун.