Опозицијата обвини за распродажба на идентитетот, СДСМ за бегање од избори

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека ја злоупотребува епидемијата за распродажба на идентитетот, а СДСМ им возврати дека таа им е параван – за да бегаат од избори.
-Јавноста беше сведок дека под закрила на полицискиот час и мерките за справување со епидемијата, власта кукавички го отстрануваше симболот на сонцето од Кутлеш на плоштадот во Крива Паланка.Со тоа продолжи континуираното погазување на достоинството на народот и на Македонија.
Дополнително вчера и претседателот на Македонија, Пендаровски, во улога на портпарол на Заев и СДСМ, потврди дека СДСМ бега од носење на консензус на сите релевантни политички субјекти за одбрана на клучните национални интереси и идентитетски прашања како македонскиот јазик, македонската нација и македонскиот народ. Пендаровски вчера ги потврди нашите, но и стравувањата на јавноста, дека Заев и СДСМ се подготвени и понатаму да се пазарат со вакви прашања и на крајот да извршат еден инженеринг од кој ќе произлезе северно-македонска нација, што е недозволиво.ВМРО-ДПМНЕ уште минатата година, после првите сигнали дека може да биде оспоруван македонскиот јазик и македонскиот идентитет, побара носење на заедничка резолуција во одбрана на овие прашања, но истата Заев ја избегнува до ден денешен, стои во реакцијата на опозицијата.