Опасен историски ревизионизам од Бугарија, предупредуваат историчари од регионов


Фото: Б. Грданоски

Поголема група историчари од регионов денеска со остро писмо се спротивставија на барањата на Бугарија за историски ревизионизам при блокадата на Македонија за усвојување на преговарачката рамка за членство во ЕУ. „Бараме од европските институции и земји да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија што се загрозени на Балканот и во Европа овие денови, како што се различноста, антифашизмот и демократијата“, пишува во писмото.

Потписници на писмото се некои од најпознатите историчари и професори од универзитетите во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево…

Еве го писмото на историчарите во целост:

„Судирите околу историјата и историските симболи се повторно важно политичко прашање во Југоисточна Европа. Во последните месеци владата на Република Бугарија се закани дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати ‘историската вистина’ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација е создадена од Тито и Коминтерната.

Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата ‘Да ја одбраниме историјата’, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Ние веруваме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и на самата Европска унија. Наметнувањето ‘историски вистини’ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други народи, а правото на самоопределување е основно човеково право.

Затоа бараме историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите на нивната дисциплина. Бараме од политичарите да водат одговорна политика, да не поддржуваат историчари што ги разгоруваат националистичките конфликти и да не вршат притисоци што доведуваат до фалсификување на минатото. Бараме од европските институции и земји да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија што се загрозени на Балканот и во Европа овие денови, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа не смееме да дозволиме искривувањата на историјата да ги уништат принципите врз кои се темели идејата за обединета Европа.

Ние, потписниците на ова писмо, им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Северна Македонија и Бугарија кои отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професија и професионалните стандарди. Само солидарно можеме да ги надминеме сериозните пречки што стојат пред нас!“

Проф. д-р Дубравка Стојановиќ, Универзитет во Белград                                        Проф. д-р Хусија Камберовиќ, универзитет во Сараево                                         Проф. д-р Твртко Јаковина, универзитет во Загреб                                              Проф. д-р Божо Репе, Универзитет во Љубљана                                                      Доц. д-р Аднан Прекиќ, Универзитет на Црна Гора                                                        Д-р Сњежана Корен, Универзитет во Загреб                                                               Д-р Миливој Белин, Универзитет во Белград                                                        Проф. д-р Дамир Агичиќ, Универзитет во Загреб                                                     Доц. д-р Бранимир Јанковиќ, Универзитет во Загреб                                            Проф. д-р Момир Самарџиќ, Универзитет во Нови Сад                                                Д-р Олга Манојловиќ-Пинтар, Институт за понова историја на Србија, Белград            Проф. д-р Хрвоје Класиќ, Универзитет во Загреб                                                  Проф. д-р Радина Вучетиќ, универзитет во Белград                                                    Д-р Срѓан Милошевиќ, историчар, Белград                                                                 Д-р Александар Р. Милетиќ, историчар, Институт за понова историја на Србија, Центар за историски студии и дијалог, Белград                                                    Вељко Станиќ, историчар, Белград                                                                       Петар Жарковиќ, историчар, Белград