ООУ „Лазо Ангеловски“ доби енергетски ефикасно ЛЕД осветлување


Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, кое е едно од најголемите училишта во Македонија, доби целосно ново лед-осветлување.

Станува збор за инвестиција во вредност од околу 50.000 евра, реализирана од Општина Аеродром со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Проектот беше спроведен низ транспарентен процес и повеќе форумски сесии, во кои граѓаните даваа свои предлози, а потоа како приоритетен го избраа проектот за енергетски-ефикасно осветлување во ова основно училиште.

Проектот опфаќа реконструкција и обнова на електротехничката инсталација, при што застареното флуоресцентно осветлување се заменува со ново и модерно ЛЕД осветлување. Со оваа промена и поставување на енергетски ефикасно осветлување, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, се отстрануваат сите опасности како УВ зрачењето и се поставува осветлување кое не содржи токсични материи.

Оваа вест на својот Фејсбук профил ја сподели градоначалникот Тимчо Муцунски, кој изрази благодарност за вклучувањето на граѓаните, но и партнерите од УНДП за креирање на побезбедна и поздрава средина за едукација и работа на учениците и наставниот кадар.