ОН: Саудискиот престолонаследник треба да биде под истрага за убиството на Кашоги
Смртта на новинарот Џамал Кашоги е „меѓународно злосторство“ се наведува во денеска објавениот извештај на Обединети нации.
– Заклучокот на специјалниот известувач е дека Кашоги е жртва на убиство со предумисла, вонсудско убиство за кое е одговорна државата Саудиска Арабија според меѓународниот закон за човекови права, изјави специјалната известувачка на ОН, Агнес Каламар.
Таа наведе дека постојат веродостојни докази кои го поврзуваат принцот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман и други високи саудиски претставници дека се виновни за убиството на Кашоги и оти тие треба да бидат предмет на истрага.
Во извештајот се истакнува дека доказите покажуваат дека би требало да се спроведе независна и непристрасна меѓународна истрага.
Кашоги (59) беше убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година. Во Саудиска Арабија поради убиството на новинарот пред суд се изведени 11 лица, а за петмина од нив е побарана смртна казна. Но, нивниот идентитет не е откриен бидејќи судењето е затворено за јавност.
Според Каламар судењето не ги исполнува процедуралните и суштинските меѓународни стандарди и бара истото да биде откажано.