ОН: САД го намалуваат финансирањето за мировните мисии, на цивилите им се заканува опасност


Мисиите на мировните сили на Обединетите нации се соочуваат со сериозни финансиски проблеми, а намалувањето на американските средства може да ја ограничи нивната способност да ги заштитат цивилите, особено во Јужен Судан и Демократска Република Конго, соопшти претставник на ОН за мировни мисии.

– Без доволно ресурси, ќе работиме со помалку средства, што може да има сериозни последици по мирот и безбедноста во земји како Јужен Судан и Демократска Република Конго, каде што финансиските ограничувања би можеле значително да ја ограничат нашата способност да ги штитиме цивилите, изјави портпаролот на мировните мисии на ОН во Њујорк.

Портпаролот исто така ги повика сите земји членки целосно и навреме да ги исполнат обврските кон мировните мисии за да се одржи нивната „витална работа и влијание“. Моментално постојат 11 мировни мисии на ОН ширум светот, а според него тие веќе се „под сериозен финансиски притисок поради кризата со ликвидноста“.

Претседателот на САД Доналд Трамп минатата недела еднострано ја укина помошта во износ од 4,9 милијарди долари, одобрена од Конгресот. Тоа вклучува околу 800 милиони долари за финансирање на мировните мисии на ОН во периодот 2024 – 2025, се наведува во соопштението на администрацијата на Трамп.

САД се најголемиот донатор, со 27 проценти од вкупниот буџет од 5,6 милијарди долари за мировните мисии на ОН.

Во соопштението на администрацијата на Трамп се додава и дека милиони долари вложени во мировните мисии биле вклучени во значајни корупциски шеми, а намалувањето на финансирањето ќе биде „прв чекор кон спроведување на силни реформи во ОН“.