ОН ја осуди тортурата што руските власти ја споведуваат врз притворените украински цивили


Руските власти „систематски“ ги подложувале на мачење  цивилните притвореници на окупираните украински територии, вклучувајќи и сексуално насилство, се наведува во извештајот на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права.

Истражителите на ОН интервјуирале 216 цивили ослободени од јуни 2023 година. Од анкетираните, 92 проценти дале „доследни и детални извештаи за тортура или малтретирање за време на притворот“, се наведува во денеска објавениот извештај на ова тело на ОН.

Во него се опишани „тешки претепувања со разни предмети, како што се стапови и палки, електрични шокови на различни делови од телото, како и лажни егзекуции“.

Многумина, исто така, пријавиле дека претрпеле закани со смрт и насилство врз некој нивни близок.

Заклучно со мај 2025 година, украинските власти изјавија дека имало приближно 1.800 украински цивили притворени од Русија, но бројот е веројатно поголем, наведуваат ОН.

-Луѓето се произволно апсени на улиците на окупираните територии, обвинети врз различни законски основи и притворени со денови, недели, месеци, па дури и години, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк.

„Од суштинско значење е правата на цивилните притвореници, кои се сериозно погодени од овој ужасен конфликт, да бидат приоритет во сите мировни преговори“, рече тој.

Извештајот на ОН, исто така, документира „случаи на тортура и малтретирање“ на цивили притворени од украинските власти.

На крајот на јули, Украина официјално имаше повеќе од 2.250 притвореници поврзани со конфликтот, претежно украински државјани обвинети за предавство, шпионажа или соработка со окупаторските руски власти.