Околу 100 ученици евакуирани од париска гимназија поради пожар
Околу сто ученици беа евакуирани денеска од париската гимназија Воклен во 13-от арондисман во Париз поради пожар подметнат од демонстранти собрани пред училиштето, јавија француските медиуми.
Во моментот на гаснење на пожарот, демонстрантите ги нападнаа пожарникарите со пиротехнички средства, а неколку минути откако пожарот беше изгаснат и гимназијата беше евакуирана, Жан-Дидје Берже, државен секретар во француското Министерство за внатрешни работи, се обрати и ги осуди „шокантните инциденти“.
„Ова се кривични дела за кои мора да има казна“, рече Берже.
Управата на париското училиште ги осуди обидите утрово да се подметне пожар пред влезот во гимназијата Воклен. Мобилниот тим за безбедност (EMS) на француското Министерство за образование веднаш беше испратен на местото на инцидентот.