Ел Салвадор испраќа 2.000 војници во Хаити, каде претседателските избори се повторно одложени
Ел Салвадор испраќа повеќе од 2.000 војници во Хаити за го спасат исчезнатиот персонал и да обезбедат поддршка за безбедносните операции против бандите, соопшти Министерството за надворешни работи на Салвадор, додека Хаити ги одложи планираните претседателски избори до следната година.
Во оваа најнаселена карипска земја, избори не се одржани од 2016 година, а последниот претседател беше убиен во 2021 година. Голем број транзициски лидери го одложуваа гласањето, наведувајќи ја несигурноста бидејќи вооружените криминални организации ги прошируваат своите области на дејствување.
Од 2024 година, странски сили се распоредени во Хаити како дел од безбедносните мисии поддржани од ОН, чија цел е да ѝ помогнат на хаитската полиција во обезбедување на населбите и да создадат предуслови за безбедни и кредибилни избори.
Изборниот совет на Хаити во јули ги закажа долгоочекуваните избори за 13 декември, но претходно овој месец објави дека го разгледува распоредот, без да наведе конкретна временска рамка.
Според новиот распоред објавен вчера од Советот, првиот круг од претседателските и парламентарните избори е закажан за 18 јули 2027 година, додека вториот круг, заедно со локалните избори, би се одржал на 4 октомври.
Одлуката доаѓа нешто повеќе од една недела откако четворица воздухопловни техничари од Ел Салвадор исчезнаа во заседа врз нивното возило во област контролирана од банди на периферијата на Порт-о-Пренс.
Претседателот на Салвадор, Наиб Букеле, најави операција за нивно спасување и веќе испрати стотици војници во таа карипска земја, но не разјасни каква ќе биде нивната командна структура, колку долго ќе останат таму или кои точно задачи ќе ги извршуваат.
Министерството за надворешни работи на Ел Салвадор вчера соопшти дека претседателот Букеле телефонски разговарал со премиерот на Хаити, Алекс Дидие Филс-Аиме, и дека има намера да распореди повеќе од 2.000 војници.
Канцеларијата на Филс-Аиме го потврди разговорот во посебна изјава, велејќи дека двајцата лидери „ја потврдиле својата посветеност на зајакнување на билатералната координација и оперативната соработка во рамките на силите за сузбивање на бандите, особено за поддршка на спасувачките операции и одговор на безбедносните предизвици“.
Канцеларијата не одговори веднаш на барањето за коментар дали ова значи дека новите сили на Салвадор ќе се приклучат на мисијата поддржана од ОН или ќе дејствуваат одделно.