Иран тврди дека соборил уште еден американски дрон во близина на Ормуската Теснина


 Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) денеска објави дека соборил дрон од американско производство „MQ-1“ во воздушниот простор источно од Ормуската Теснина, во услови на зголемени воени тензии со САД, јави ДПА.

Беспилотното летало од типот „MQ-1 Predator“ било пресретнато и уништено источно од Ормуската Теснина од страна на нов, напреден систем за противвоздушна одбрана, објави денеска агенцијата „Тасним“, повикувајќи се на иранската Исламска револуционерна гарда. 

Американската војска првично не го потврди овој извештај, пренесува германската агенција.

Според иранските наводи, од почетокот на војната во земјата, на крајот на февруари, досега вооружените сили на земјата уништиле 14 беспилотни летала од овој тип, како и повеќе од 50 летала од типот „MQ-9 Reaper“. 

Ваквите тврдења, генерално, не можат независно да бидат потврдени.

Меѓутоа, според Истражувачката служба на американскиот Конгрес, САД пријавиле загуби или оштетувања на десетици авиони и беспилотни летала откако, заедно со Израел, започнаа напади врз Иран.

Иранските сили неодамна ги зачестија нападите во и околу Ормуската Теснина. 

Извозот на нафта преку овој воден пат минатата недела повторно опадна, покажуваат податоците на компанијата „Kpler“, која ги следи информациите за поморскиот транспорт, потсетува ДПА.