Белгиското Министерство за финансии било цел на кибернапад, привремено недостапни основни услуги
Белгиското Министерство за финансии потврди дека било цел на насочен кибернапад, поради кој неколку основни онлајн-услуги се привремено недостапни, соопштија локалните медиуми. Поради недостапноста на услугите за корисниците, Министерството го продолжи за две недели рокот за внесување податоци што требало да бидат доставени најдоцна до утре.
Според информациите од Министерството, при упадот не биле извлечени податоци од нивните сервери, а хакерите се обиделе да направат промени во софтверот, но не успеале.
Поради потребата од постепено обновување на прекинатите услуги, една по една, како и од спроведување на неопходните претходни проверки, Министерството очекува проблемите постепено да бидат надминати.
Полицијата и Националниот центар за кибербезбедност веќе работат на истрагата за овој инцидент.