Во Македонија има 9.900 активни лекарски лиценци

Оваа година Лекарска комора одбележува 20 години од добивањето на јавни овластувања за издавање на лиценци за работа на докторите на медицина, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација, како многу значаен систем за акредитација на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди. По тој повод денес и во наредните денови се организира свечено доделувања на обновените лиценци за работа.
Процесот на добивање на јавните овластувања траеше повеќе од 10 години, беше макотрпен но и со континуирано залагање и јасна цел што се сака да се постигне. Во тој период се градеше и Комората како кредибилно еснафско здружение.
Собранието на Република Македонија, во 2004 година, ги донесени измените на Законот за здравствена заштита со кои Комората ги доби овластувањата, по што следуваше период за подготовка на подзаконските акти. Чинот на доделување на овластувањата се случи на 5 јуни 2005 година, на денот на одбележување на Денот на основање на Комората, кога подзаконските акти потпишани од тогашниот министер за здравство д-р Владо Димов, беа свечено предадени на првиот претседател на Комората Алексеј Дума.
По добивање на првите лиценци следуваат циклуси на нивно релиценцирање во 2011 година, 2018 година и сега во 2025 година. Во 2011 година беа обновени 4.670 лиценци, во 2018 година лиценците ги обновија 2.799 доктори. Годинава, овие лиценци повторно подлежат на нов циклус на релиценцирање, а барање за обновување на лиценцата имаат поднесено околу 1.500 лекари. Паралелно со овие релиценцирања, во континуитет низ годините тече и процесот на издавање, обновување и продолжување на лиценци на докторите кои завршуваат медицински факултети, така што вкупната бројка на активни лиценци во Регистарот на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци сега изнесува околу 9.900 лиценци.
Претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, истакнува дека јавните овластувања во изминатите 20 години се извршуваат континуирано, професионално и посветено со постојана тенденција за нивно унапредување и осовременување.
„Добивањето на овластувањата е исклучително важен процес што се случи благодарение на докторите кои беа дел од органите и телата на Комората и кои имаа јасна визија и вистинска цел за тоа како треба да биде уредена нашата професија. Комората одговори на предизвикот што ѝ беше поставен и благодарение на тоа имаме изграден систем за акредитација и лиценцирање на лекарската дејност, како суштинска и особено важна во едно општество. Во годините наназад, од добивање на овластувањата па наваму, Комората во континуитет вложува напори да ги унапредува процесите поврзани со полагањето на стручниот испит, издавањето на лиценци, водењето на Регистарот, сѐ со цел да се одговори на растечките потреби и новите околности”, вели проф. д-р Гривчева Старделова.
Но, покрај издадените лиценци, во изминатите 20 години, по судска одлука тројца лекари трајно останале без лиценци, а кај двајца биле привремено одземани. Најчеста причина за одземањето, според претседатлката на Лекарската комора, било поради утврдена лекарска грешка.
Важењето на лиценците, пак, како што наведе, им престанало на 3.384 лекари, по различни основи.
– Да одземете на некого лиценца тоа значи дека неможе никогаш повеќе да работи. Мора да има добра причина за тоа, нашиот Закон кажува дека судската пресуда докажува дека настанале смртни последици од недобро работење на доктор и дека тој не треба да ја работи таа дејност. Постои опција и министер да побара одземање лиценца на доктор од оправдани причини за тоа. Кога добиваме судска пресуда или барање од министер ја свикуваме етичката комисија и она го проследува до судот во честа…, истакна Гривчева Старделова.
Во однос на тоа колку лекари ја напуштиле државата и колку се вратиле повторно назад, појасни дека во регистерот на Комората влегуваат само оние доктори кои положиле државен испит.
– Тие имаат обврска да пријават промена на работно место, телефон, меил адреси, но за жал тие што не положиле државен испит не се во нашиот регистер (тоа се добар дел од колегите кои си одат од државата), немаат обврска да пријават дали одат за стално, рече Гривчева Старделова, нагласувајќи дека има и такви кои се враќаат повторно во државата но во помал број.
Поранешниот министер за здравство Владо Димов, кој бил потписник кога е основана Комората упати порака дека при донесување одлуки секогаш мора да се гледа напред.
– Дека е правилна одлуката за основање на Лекарската комора покажува тоа што има таков развој оди напред се додаваат нови вредности. Таа била правилна, а не била лесна. Како и за секои новини што се донесуваат во државата секогаш имало отпори, но тоа е многу важно. Тоа е порака која сакам да ја пратам. Тој што ги донесува тие одлуки мора да гледа напред. Неможете секоја одлука да ви зависи од денешниот ден дали зависи од она што во моментот е важно. Одлуките треба да бидат за напред и ние не сме ги измислиле, треба да следиме од оние што претходно ги направиле и знаеме какви успешни општества изградиле и треба да се стремиме кон тоа, рече Димов.
Од јуни минатата година се модернизираше начинот на полагање на стручниот испит. Писмениот дел од испитот се полага на компјутер, преку програма што генерира тест со испитни прашања. За реализација на оваа активности се набавија поголем број компјутери и се изработи компјутерски софтвер. Исто така, се реновираше и адаптираше соодветен простор во Комората, што изгледа репрезентативно и ќе биде во функција на многу идни генерации на доктори. Во духот на дигитализацијата и модернизацијата, од мината година почна и процес на електронска регистрација на присуството на докторите на настаните од континуираната медицинска едукација.