МВР со детали за приведените во Вардариште


СВР Скопје по извршени претреси вчера и денеска на локацијата Вардариште, поднесе кривична пријава по брза постапка до ОЈО Скопје против М.М.(54), А.А.(28) и Ф.А.(41), сите од Скопје поради основи на сомнение дека сториле кривично дело “загрозување на животната средина и природата со отпад” од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
 
Тие подолг временски период се до 02.09.2025 година, на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.
 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска, пак, поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото, велат од Републичкото јавно обвинителство.

Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање.

Согласно обезбедените докази, велат од Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпад, создале диви депонии спротивно на прописите за заштита на животна средина, со што влијаеле на квалитетот на почвата и воздухот, но и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.