Охридска банка избришана од Централен регистар, заврши процесот на присоединување со Шпаркасе банка

Во известувањето доставено до Македонската берза на долгорочни хартии од вредност од страна на Охридска банка, се вели дека на 16.07.2021 година, од страна на Централниот регистар е донесено решение со кое правниот субјект Охридска банка АД Скопје е избришан од регистарот, поради статусна промена и решение за извршен упис на промена-присоединување за субјектот Шпаркасе банка Македонија АД Скопје.
„Со издавањето на горенаведените решенија е завршена постапката на регистрација на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе банка Македонија АД Скопје“, се наведува во известувањето до Берзата.
Ден претходно од банката известија дека првиот работен ден како интегрирана банка е планиран за 19 јули 2021 година.
По преземањето на Охридска банка АД Скопје, од Штаермеркише Шпаркасе, со цел да се обезбеди непречено присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, во изминатиот период се направија бројни подготовки. Така, од банката претходно соопштија дека како резултат на присоединувањето на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, броевите на денарските и девизните сметки на сите клиенти физички и правни лица во Охридска банка, ќе се променат, како и дека од денот на присоединување и SWIFT кодот на Охридска банка повеќе нема да постои, важечки ќе биде SWIFT кодот на Шпаркасе Банка Македонија – INSBMK22.
Во ова известување исто така беше наведено дека новите броеви на сметки ќе стапат на сила од денот на присоединување на банките. Од истиот датум, старите броеви на сметки нема да биде возможно да се користат за реализација на плаќања или за прилив на средства.
Нема да се случи спојување на сметки, состојби и овластени лица на сметките од двете банки, за клиентите кои имаат сметки и во Охридска банка АД Скопје и во Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Сметките од Охридска банка АД Скопје со сите постоечки овластувања ќе останат во прегледот на сметки во интегрираната Шпаркасе Банка Македонија, паралелно со постоечките сметки.
Од страна на клиентите нема потреба од дополнителен ангажман, како на пример, склучување на договор за новата сметка, пренос на средства од старата на новата сметка и сл., бидејќи се работи само за техничка промена на бројот на сметка. Единствена обврска на клиентите ќе биде, за новиот број на сметка, навремено да го информираат својот работодавец, како и сите физички или правни лица и инстиутуции, со цел трансакциите и приливите кои ги очекуваат непречено да се извршуваат. По спојувањето, ќе биде невозможно да се извршува уплата на старата сметка, со што целосно се оневозможуваат погрешни уплати на средства.
Пензионерите, пак, ќе продолжат да ги добиваат своите пензии на новите сметки и не треба индивидуално да го доставуваат новиот број на сметка во ПИОМ, бидејќи сите потребни активности ќе ги спроведе банката по службена должност, беше појаснето од банката.
Договорот за купопродажба на сите акции на Сосиете женерал, кои претставуваа околу 74,53 отсто од уделот во капиталот на Охридска банка Сосиете женерал од страна на Штаермеркише банк унд Шпаркасен АГ Грац беше потпишан кон крајот на февруари 2019 година.
„Со оваа зделка речиси тројно го зголемуваме нашето присуство во Република Северна Македонија“, изјави по повод потпишување на договорот Герхард Фабиш, главен извршен директор на Штаермеркише Шпаркасе, која е застапена во Македонија од 2008 година преку Шпаркасе банка Македонија. Според тогашните процени со преземањето на Охридска банка, Шпаркасе банка стана четврта по големина банкарска групација во земјава, со пазарен удел од 12-14 отсто. (Н.В.)