Зградата на Маларична во Охрид, каде е сместен Здравствениот дом во овој туристички град, веојатно ќе биде урната, а на најезино место ќе никне станбена зграда, иако истиот објект пред неполна година беше реновинран, внатрешно и надворешно.
Од Граѓанската иницијатива Охрид СОС, предупредија дека постојат планови за окрупнување на парцела за сметка на објектот на Маларична, паркингот, паркот што се објекти во близина на четири образовни институции, градинка, основно училиште и две средни.
Денеска, пратија соопштение до медиумите, во кои откриваат што произлегува од документацијата низ годините и како земјиштето од државно, станува приватно за Маларична да се избрише од лицето на земјата и таму да никнат нови станбени згради.
„Истражувајќи низ планската документација за опфатот кај Маларична, почнаа да излегуваат на виделина чудни ситуации“, велат од СОС Охрид.
Во продолжение прочитајте ги сите нивни наоди:
1. ОТУЃУВАЊЕ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ПРИВАТНИ ИНТЕРЕСИ
Прво и основно: која е потребата од отуѓување на државно земјиште, чија елементарна намена се подразбира дека била, е и мора да остане јавна? Кој и зошто иницирал промена на намената на земјиштето и промена на сопственоста, на крај, државно земјиште да биде отуѓено за да се изгради приватна станбена зграда? Притоа, да се загуби последниот остров урбано зеленило во централното градско подрачје на Охрид, а на децата од дури четири образовни установи во непосредна близина (градинка, основно и две средни училишта) засекогаш да им се одземе елементарното право на чист воздух и здрава животна средина, правото на слобода, јавен простор, училишен двор, небо и сонце?
Но, тоа не е сѐ! Доколку го прочитате целиот текст ќе забележите дополнителни девијации, кои моментално се обидуваат да ги оправдаат преку Стратегиската оцена на влијание врз животната средина (СОЖС) за Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7.
2. УРБАНИСТИЧКИ ИГРИ
Ситуација прва: Во Генералниот урбанистички план за Охрид (2002 – 2012) изработен од УРБАН ДОО Охрид во јули 2006 година, делот кај Маларична е обележан како „домување со терцијални содржини“, но Маларична е означена со ЗД (Здравствен дом). Во таа парцела влегува дел од училишниот парк и старата куќа на улицата „Димитар Влахов“, но и семејната куќа помеѓу Маларична и основното училиште „Григор Прличев“. Во прилог сегмент од планот, кој се однесува на оваа локација.

Ситуација втора: Во февруари 2008 година од страна на А.Д. ЗУАС од Скопје е изработен Детален урбанистички план за дел од централното градско подрачје (чијшто дел е УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7), иронично насловен Поликлиника „Маларична“ Охрид, која, според вцртаното, се брише од мапата на Охрид. Во Планската програма за изработка на ДУП за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, кој сега се изработува, е споделен Графички прилог – Извод од дел од (истиот) веќе донесен, односно сè уште важечки ДУП. Овде се забележуваат мали модификации во однос на ситуацијата прикажана во ГУП – помеѓу основното училиште и средното економско училиште е вметнат голем паркинг, а паркинг има и на улицата која ги дели Гимназија и ООУ „Григор Прличев“, иако таква намена не е предвидена со самиот ГУП. Како некаква „компензација“, на училиштето во овој план му е отстапена друга државна парцела, а модифицирани се границите на приватната парцела, каде што се наоѓа старата градска куќа. Состојбата на околните јавни објекти e заведена како ПОСТОЈНА, а нова ситуација е огромната станбена зграда.
Се поставува прашањето, која е потребата за уште една огромна станбена зграда, кога во конкретниот урбан блок веќе е надминат планираниот број на жители, односно надмината е планираната густина на населеност, согласно ГУП? Имено, во важечкиот ДУП за Поликлиника „Маларична“ – Охрид (донесен со Одлука бр. 07-344/18 од 28.02.2008 год.), предвидени се вкупно три објекти за колективно домување (намена А2) со катност П+3 и висина до венец од 13,2м. Веќе следната, 2009 година, со Локална Урбанистичка Планска Документација на еден од нив, лоциран на градежната парцела 1.1, КП бр. 15311/1, му се зголемува бруто развиената површина на дури 4970 м2, со височина до венец од 19,2м, односно катност П+5+Пк. Овој објект е веќе изведен.
Алчноста на инвеститорите не застанува тука. Со Детален урбанистички план за УЗ 2, дел од Блок 2.3 – опфат 5 , КО Охрид 3, Општина Охрид, за плански период од 2014-2024, изработен од ЧОВЕК И ПРОСТОР – Охрид, приватен инвеститор, нарачател Општина Охрид, бројот на станбени згради во опфатот „Маларична“ се зголемува: зад овој веќе изграден, огромен објект, се предвидуваат уште два објекти за колективно домување замислени како самостојни станбени блокови: ГП 1.2 и 1.3, со катност П+4 (висина до венец од 16,2м) и 541,31 м2 односно 487,20 м2 во основа, со кои се уништува повеќедецениско високостеблесто зеленило и со чија изградба, како и понатамошна употреба (пристап, паркирање) се доведуваат во константна опасност најбројните корисници на овој урбан блок – децата.

Ситуација трета: Доколку некој мислеше дека ќе нема повеќе изненадувања, следува актуелната Стратегиска оцена на влијание врз животната средина (СОЖС) за детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, изработена од ДЕКОНС-ЕМА, за ДУП од декември 2023, изработен од ИН-ПУМА од Скопје. Истата фирма ја работи и Планската програма за изработка на ДУП, неколку месеци порано, во април 2023 година. Како нарачател на овие два документи стои ООУ „Григор Прличев“. Во овој план се случуваат дополнителни промени кои се шокантни. Сега паркингот кој претходно беше во рамките на парцелата каде што е предвидена зграда, се издвојува и означува со Е1 – Комунална инфраструктура. Се уништува цел училишен парк и децениски стебла кај Брзата Помош за да се направи паркинг кој замислете ќе биде јавен! Кому му треба паркинг? На станарите од зградата? На наставниот кадар од училиштето? На општината? Претходно отстапената државна парцела на училиштето, во претходниот план, сега е вратена во приватната парцела. Паркинзите помеѓу училиштата се останати. Дополнително, се менува обемот на јавните објекти. Во основното училиште се планира да се урне старата зграда. На нејзиното место да се изгради нов објект кој е поголем во обем и кој дополнително го намалува урбаното зеленило. Зелената површина каде што се наоѓа бистата на Прличев, помеѓу двете училишни згради ќе се уништи а тука ќе се изгради спој помеѓу двата објекта. Не ни е познато зошто ќе се додаваат и градат дополнителни објекти, кога сведоци сме дека општинскиот совет носи одлуки за работење на паралелки со помал број ученици, во ова и во останатите основни училишта. Реновирање и санација на постојниот објект во постојниот обем и изглед е едно, но изградба на нови огромни објекти е нешто друго. Кај детската градинка „Јасна Ристеска“ двојно се зголемува обемот на објектот и се уништува сето зеленило, детски парк и игралиште, пред и од страната на објектот, која се граничи со основното училиште. Зошто е ова направено не ни е познато. Од сегашното огромно урбано зеленило во планот останува еден скромен триаголник до главниот паркинг и малку кај тротоарот од новата улица. Да, влезот во училиштето од улицата „Димитар Влахов“ станува улица која води до новиот паркинг. Тие се приоритетите, почитувани сограѓани. А дечињата, па тие нека се снаоѓаат. Нека играат внатре. Институциите не ги интересира што од аерозагадувањето се нарушува и здравјето на децата. Тие сакаат градби и уште повеќе градби.
3. НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН КАКО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО
За оформување на споменатиот огромен станбен блок се врши спојување на дури 14 катастарски парцели во една градежна парцела, со цел постигнување на огромен габарит, што е во директна колизија со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски План (2020-2029), каде изрично се забранува таа постапка. Имено, според Планот за управување, новите градби во втората и третата урбана зона (каде се наоѓа предметниот опфат) „треба да исполнат специфични аспекти со кои ќе бидат испочитувани културните вредности и традиции на историската област, како и условите на постојните структури. Во таа смисла, се забранува окрупнување, односно создавање вештачка комбинација на неколку парцели за да се изгради голема градба.
Воедно, новите градби треба да имаат:
– ритам кој е во хармонија со урбаниот и морфолошкиот образец на околните градби доколку се поединечно заштитено добро или поседуваат амбиентални вредности;
– габарит кој е усогласен со контекстот и не ја нарушува визуелната перцепција кон целината Старо градско јадро;
– улична гранична линија која ја следи линијата на постојните објекти;
– силуета која го почитува традиционалниот локален карактер и силуетата на просторот каде се градат;
– висок квалитет на градба и дизајн, кој се постигнува со особено внимание на пропорциите.“
Јасно е дека Планот за управување со Охридскиот регион е апсолутно игнориран, со предвидување на станбен објект – мега структура со уличен фронт долг над 100 м!
Овој ДУП значи реализација на веќе 13 години застарен ГУП за Град Охрид (2002 – 2012). Општината имаше обврска согласно препораките на УНЕСКО и согласно тоа што го доведе регионот на де-факто листата на светско наследство во опасност, да изработи нов ГУП. А, дотогаш мораше да се спречи штетната урбанизација! Како што гледаме, таа само зема поголем замав. Општина Охрид смислено не донесува нов ГУП кој ќе им го унапреди живеењето на охриѓани и ќе го спаси светското наследство, туку менува детални урбанистички планови во интерес на шака инвеститори. Резултатот на ваквиот парцијален пристап е – наместо да се намалува, изградената површина се зголемува, а градоначалниците во меѓувреме глумат посветеност на вредностите на светското наследство кои очигледно не ги ни разбираат.
4. (НЕ)КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО
Со овој ДУП, нема сомнение, ќе се уништи целото постојно културно наследство во рамки на опфатот. Тој, всушност, истото воопшто не го ни препознава. Старата училишна зграда чии вредности се несомнени – од секоја училница на приземјето има директен излез кон сегашниот парк, со што на учениците им се овозможува настава во природа – се предвидува за рушење!
Истата судбина ја дели и самиот објект на Маларичната амбуланта – цврсто вкоренет во колективната меморија на охриѓани.
Уште поалaрмантно, доколку се дозволи реализација на овој штетен ДУП, Охрид и светот засекогаш ќе загубат еден прекрасен и уникатен објект граден во периодот помеѓу двете светски војни, во духот на еклектичната архитектура, инспирирана од европскиот класицизам и нео-стиловите, куќа-вила потоната во зеленило, украс на улицата „Димитар Влахов“, со која се поврзуваат во една целина објектите градени во сличен стил – низата куќи пред Општина Охрид и објектот на Гимназијата. Нејасно е како овој објект досега не бил соодветно валоризиран од надлежните установи – Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, превид кој, доколку истите веднаш не реагираат, ќе значи неповратна и ненадоместлива штета за Охрид и регионот.