Одржано првото издание на детскиот фестивал „Киселко“


Screenshot

Во преполната сала на Домот на култура „Билјана Беличанец“ денес се одржа првото издание на детскиот фестивал „Киселко“, во организација на Општина Кисела Вода. Настанот донесе вистинска музичка магија за најмладите, а пред публиката премиерно беа изведени 12 нови авторски детски песни.

Покрај соло изведувачите, на сцената настапи и хорчето на „Киселко“, кое заедно со членовите на балетското студио „Данса Латина“ создаде богата музичко-сценска програма исполнета со песна, игра и детска радост.

Учесниците на фестивалот беа избрани преку аудиции организирани во основните училишта на територијата на Општина Кисела Вода, а изборот го вршеа наставниците по музичко воспитување. Особено значајно е што сите 12 авторски песни беа обезбедени бесплатно за учесниците, со што родителите беа ослободени од какви било финансиски трошоци поврзани со нивното учество.

– Сакавме да им обезбедиме соодветен простор на најмладите да го покажат својот музички талент, бидејќи инвестирањето во детската креативност е највредното вложување во нивниот правилен развој. Истовремено, ни беше важно ова искуство да не претставува финансиски товар за семејствата, па затоа сите песни за малите изведувачи се целосно бесплатни. Посакувам „Киселко“ да биде почеток на една нова традиција за децата во Кисела Вода – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Реализацијата на фестивалот беше овозможена во соработка со продукцијата „Стробери Груп“, специјализирана за детски и младински телевизиски проекти и настани.