Одмазда на Русија: Санкции за највисоки функционери на ЕУ


Не е јасно зошто претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли се најде на списокот за санкции

Москва им го забрани влезот во земјата на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, и потпретседателката на Европската комисија, Вера Јоурова

 

Русија во петокот им го забрани влезот во земјата на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, потпретседателката на Европската комисија, Вера Jоурова, и на други високи европски претставници како одмазда за санкциите на ЕУ кон Русите.

Овој потег донесе силно формулиран одговор од лидерите на ЕУ. „Оваа постапка е неприфатлива, нема никакво правно оправдување и е целосно неоснована. Таа е насочена директно кон Европската унија, не само врз засегнатите лица “, рекоа Сасоли, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во заедничката изјава.

„Оваа одлука е последната, фрапантна демонстрација за тоа како Руската Федерација избра конфронтација со ЕУ наместо да се согласи да ја поправи негативната траекторија на нашите билатерални односи“, рекоа тие. „ЕУ го задржува правото да преземе соодветни мерки како одговор на одлуката на руските власти“.

Руското министерство за надворешни работи ги наведе Сасоли и Јоурова – чешка политичарка, која е потпретседател на Комисијата за вредности и транспарентност и ја водеше кампањата на ЕУ против дезинформациите од Русија и Кина – меѓу осумте официјални лица за кои се воведени санкциите.

„Европската унија продолжува со политиката на нелегитимни, еднострани ограничувачки мерки против руски граѓани и организации. Само во март 2021 година, шест Руси беа подложени на незаконски ограничувања на ЕУ“, се вели во соопштението на Министерството.

Останатите официјални лица кои добија забрана од Москва се Јерг Раупах, јавен обвинител во Берлин, службеник на шведската агенција за истражување на одбраната, три официјални лица од балтичките држави и Жак Мер, член на француската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Министерството не соопшти зошто биле наведени тие специфични службеници, но неговата изјава се однесува на санкциите воведени од ЕУ на 2 и 22 март.

На 2 март, ЕУ и САД воведоа санкции против високи руски претставници како одговор на нападот со труење и затворање на опозицискиот лидер Алексеј Навални. На 22 март, ЕУ санкционираше двајца Руси обвинети за прогон на геј лица и лезбејки во јужниот регион Чеченија.

Реагирајќи на забраната за влез, Сасоли напиша на Твитер: „Очигледно, не сум добредојден во Кремљ? Малку се сомневав во тоа… Никакви санкции или заплашување нема да го спречат [Европскиот парламент] или мене да ги браниме човековите права, слободата и демократијата. Заканите нема да нѐ замолчат. Како што напиша Толстој, нема големина каде што нема вистина“.

Јоурова издаде пркосна изјава, поврзана со иронија. „Исто така, сакам да ја искажам мојата поддршка со другите кои беа санкционирани денес. Задоволна сум што сум во толку добро друштво“, рече таа.

„Ќе продолжам да се залагам за човековите права, за слободата на медиумите и за демократијата. Постојаните напори на Русија да сее дезинформација и да ги поткопа човековите права заслужуваат силна и континуирана реакција. Ако ова е цената за кажување на вистината, тогаш со задоволство ќе ја платам“, рече таа.

Манфред Вебер, претседател на групата на Европската народна партија во парламентот, изрази солидарност со Сасоли и Јоурова и рече: „Господине Путин, можете да санкционирате европратеници колку што сакате, но нема да нѐ замолчите“

Еден дипломат на ЕУ рече дека Русија користи стратегија за морков и стап со блокот – нудејќи им ја вакцината „Спутник V“ како морков на „пријателите“ додека ги погодува „разумните“ членки на ЕУ со санкции.

„Ќе покаже ли некој во ЕУ доволно храброст барем да го повика рускиот амбасадор [Владимир] Чижов?” – праша дипломатот. (Политико)