Одлуката за Еуростандард банка не се донесе преку ноќ, вели директорката на супервизијата на НБ


На преземањето на која било супервизорска мерка и на носењето на која било супервизорска одлука на Народната банка претходи темелен и сеопфатен процес на анализа и оценка. Во процесот секогаш е вклучен тим на високопрофесионални и посветени кадри, кои стојат зад секоја одлука, вклучително и за Еуростандард банка.

Ниту една супервизорска одлука не се носи преку ноќ и не е резултат на оценката само на еден човек“, вели во интервју за МИА генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова.

„Секоја супервизорска одлука минува низ неколку нивоа на анализа и одлучување, со цел крајната одлука секогаш да биде во најдобар интерес на депонентите и доверителите на банката, смета Глигорова.

Како што додава основната цел на супервизијата на Народната банка е одржувањето сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките.

„Воспоставениот систем и начинот на спроведување на супервизијата, истакна Глигорова, вклучува бројни интерни контроли и неколку нивоа на разгледување и анализа на наодите, што е во функција на обезбедување висока професионалност и најважно – носење најсоодветни супервизорски одлуки. Така е постапувано и во случајот на Еуростандард банка и исцрпени беа сите можности за поповолно решение за Банката.

Таа појаснува дека Решението од 1 јуни коешто се споделуваше на социјалните мрежи и Решението за укинување на дозволата за работење на Еуростандард банка се две комплетно различни решенија, донесени според различен законски основ.

„Решението од 1 јуни 2020 година е донесено поради фактот што износот на сопствените средства на Еуростандард банка падна под законски утврденото ниво за вршење на одреден вид финансиски активности, како што се тргувањето со хартии од вредност на странски пазари, тргувањето со деривативи и сл., за коишто потребен е дополнителен капитал, над основниот. Повлекувањето на согласноста за извршување на некои од финансиските активности не подразбира дека по автоматизам се укинува дозволата за работење на банка. Впрочем некои банки и воопшто не побарале и немаат согласност за извршување ваков вид финансиски активности, напоменува Глигорова, посочувајќи дека Решението за затворање на Еуростандард банка е донесено на 12 август, заради несолвентност на Банката.

Глигорова за МИА вели дека при одлучување за мерките што ќе ги преземе, Народната банка се раководи од неколку аспекти, а пред сѐ од процената на влијанието на мерката врз банката или врз нејзините депоненти, сериозноста на наодите за одредена банка и потребата за одржување на сигурноста и стабилноста на банката или на банкарскиот систем во целина.

„Притоа, особено би сакала да истакнам дека за Народната банка е важно да ги заштити интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките“, вели таа.

Појаснувајќи ги одлуките за Еуростандард банка Глигорова појаснува дека кога се исполнети законските услови за преземање на најстрогата мерка кон една банка, можни се условно кажано две опции: или преземање на мерката или брза итна уплата на капитал во банката.

„Со оглед дека оваа уплата во Банката не се случи, а имајќи предвид дека Банката се соочи со неисполнување на минимални законски услови за работење на банка, неминовно следеше укинувањето на дозволата за основање и работење. Секако, Народната банка претпочиташе решение што би подразбирало обезбедување на потребниот дополнителен капитал којшто ќе овозможеше таа да продолжи со работење во согласност со законската регулатива. Но, Еуростандард банка не го обезбеди потребниот капитал, ниту обезбеди издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би ја извршил потребната уплата на капитал во обем и со динамика што би овозможила одржливост на Банката на краток и на долг рок“, вели Глигорова.

Со стапката на адекватност на капиталот под два отсто, а без обезбедување дополнителен капитал, Еуростандард банка беше несолвентна, заради што Народната банка имаше и обврска да ја изрече најстрогата мерка. Со ваквата тешка одлука, донесена во крајна инстанца, се штити стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина, нагласува таа.

Глигорова вели дека сите други банки се стабилни и сигурни и дека според супервизорската оценка, односно профилот на ризичност, ниту една банка нема изложеност на ризици во обем што може да се одрази позначајно на нејзините ликвидност и солвентност.

„Адекватноста на капиталот на банките, континуирано се одржува на ниво коешто е и двојно повисоко од законскиот минимум од осум отсто и во моментов изнесува околу 17 отсто, додека ликвидните средства на банкарскиот систем се околу една третина од неговите вкупни средства и уште поважно овозможуваат покривање на околу 60 отсто од вкупните депозити на населението“, вели за МИА, директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова.