Одлуката на УНЕСКО е дополнителен мотив за чување на Охридскиот регион


Фото: Б. Грданоски

Испорачаните резултати на Општина Охрид во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО беа меѓу најважните причини Комитетот за светско природно и културно наследство на вчерашната седница да одлучи да ни даде уште една шанса и дополнителен рок за зачувување на статусот што Охридскиот регион го поседува веќе 40 години.

Тоа денеска на прес-конференција го истакна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, потсетувајќи на активностите што oпштината ги спроведе во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, пред се, со отстранувањето на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на Планот за управување со Охридскиот регион.

– Оваа одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување решенија и да вложиме максимални напори за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да се грижиме за непроценливото богатство што ни е оставено како аманет, рече Георгиески.

Тој изрази задоволство што Комитетот на УНЕСКО на објективен начин ја согледал состојбата и демонстрираната волја, капацитет, храброст и капацитет за соочување со, како што рече, наследените катастрофални состојби.

– Оваа локална власт со поддршка на Владата е цврсто одлучена да стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации нанајатрактивната зона од заштитениот појас. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките, истакна тој.

Георгиески најави дека во иднина многу поинаков ќе биде пристапот кон начинот на кој ќе се управува со ресурсите што ги дала природата во регионот. Општина Охрид согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство и законските процедури, веќе спроведува анализа и подготвува соодветен план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој ќе бидат консултирани граѓаните, сите туристички чинители и релевантни организации.

Што се однесува на обврските од препораките на УНЕСКО што е во надлежност на Општината, Георгиески рече дека тоа е отстранување на сите објекти за кои има извршни правосилни решенија, потоа усогласување на барем 30 проценти од ДУП на градот со Планот за управување со Охридскиот регион, реажурурање на инвентарот на дивоградбите, а после расчистувањето на крајбрежјето да се отпочне со отстранување на дивоградбите во Националниот парк „Галичица“.

– Доколку во минатото имало вакви одлучни чекори на Општината пред се, никогаш немаше да дојде во прашање статусот на Охрид во УНЕСКО. Независно што некои медиуми и невладини организации ги сведуваа нашите активности за отстранување само на неколку платформи, ние до Комитетот на УНЕСКО доставивме детален извештај на колкава површина сме постапувале, а тоа се повеќе од 33 илјади метри квадратни со отстранети повеќе од шест илјади кубни метри шут, посочи тој.