Одложување на ратите до септември, пониски камати, репрограмирање… што можат да бараат граѓаните и фирмите од банките
За ова нема да се оди во банка, туку се работи на процедура која ќе овозможи тоа да се прави електронски
Граѓаните и фирмите што се соочуваат со проблеми поради корона вирусот, од наредната недела ќе може да побараат одложување на плаќањата на обврските кон банките до септември и да добијат поповолни услови за отплата, односно да ги репрограмираат кредитите. Ова го овозможуваат регулаторните измени кои денес ги донесе Советот на Народната банка со кои се предвидува поголема флексибилност за банките и штедилниците заради олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити. Од НБМ појаснуваат дека ваквата одлука се однесува на корисници на кредити кои веќе се соочуваат или допрва ќе се соочат со реални потешкотии во подмирување на обврските кон банките и штедилниците, предизвикани од состојбата со корона вирусот. Промените на договорните услови ќе се решаваат во договор меѓу банката и клиентот. Сепак, крајниот збор дали граѓаните и фирмите ќе можат да добијат одложување на плаќањата или поповолни кредитни услови, ќе го имаат банките врз основа на процена на кредитната способност на клиентите, односно дали тие навистина имале економски последици поради пандемијата од корона вирусот. Вакви поволности ќе можат да добијат само оние кои до сега биле редовни во плаќањето на обврските. За ова нема да се оди во банка, туку се работи на процедура кокја ќе овозможи тоа да се прави електронски.
Ова во основа се новините што денес ги соопшти Народната банка а кои со нетрпение се очекуваа од фирмите и граѓаните кои трпат економски последици поради корона вирусот.
„Со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор на банките и штедилниците да им понудат поповолни договорни услови за постојните кредити на оние кредитокорисници – физички и правни лица, кои пред 29 февруари 2020 година немале проблем со отплатата, односно нивните кредити не биле класифицирани како нефункционални, а во претстојниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски“, се вели во соопштението од седницата на Советот на НБМ.
Поконкретно, измените значат поголема флексибилност на банките и штедилниците при промена на договорните услови за отплата на кредитите во поповолна насока за клиентите, во зависност од процената на потребата и финансиската способност на секој поединечен кредиторокорисник.
„Поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување на нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и сл., со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата“, велат од НБМ.
Промените на договорните услови извршени до 30 септември 2020 година, во согласност со донесените регулаторни измени нема да се сметаат за реструктурирање на кредитната изложеност. Со тоа, на граѓаните и компаниите кои до почетокот на март немале проблем со отплатата на кредитите им се овозможува и непречен натамошен пристап до кредитна поддршка
Истовремено, со регулаторните измени се олеснува и условот за класификација на одреден кредит како нефункционален. Наместо тековниот пристап согласно со кој банките и штедилниците имаат обврска како нефункционални да ги евидентираат кредитите кои се со задоцнување подолго од 90 дена, сега критериумот за премин во нефункционално побарување се поместува на 150 дена. Притоа, овој третман банките и штедилниците исто така ќе можат да го применат само за оние кредитокорисници кои до крајот на февруари 2020 година не се соочувале со проблеми во отплатата.
„Ова олеснување е исто така од привремен карактер и најдоцна до 31 декември 2020 година, банките и штедилниците ќе имаат обврска целосно да се прилагодат на постојните критериуми за утврдување нефункционални кредити“, велат од НБМ.
Процедурата според која ќе се доставуваат барањата се очекува да стартува во наредните денови и ќе биде по електронски пат.
Тоа се прави со цел таа да се одвива на начин со којшто навремено ќе се одговори на сите барања на граѓаните и компаниите коишто имаат потреба од тоа, и притоа да биде заштитено јавното здравје, појаснуваат од НБМ.