Одложен историскиот лет на хеликоптерот на НАСА над површината на Марс
Американската НАСА го одложи првиот лет на малиот самоуправувачки хеликоптер „Генијалност“ (Ingenuity), што се наоѓа на Марс, поради технички проблеми.
Врз основа на податоците од хеликоптерот кои пристигна доцна во петокот ноќта, НАСА одлучи да го презакаже првиот експериментален лет не порано од 14 април, соопшти вселенската агенција.
Како што соопшти НАСА, испитувањето на брзата ротација на роторот на „Генијалност“ во петокот покажа проблеми при полетување. Сепак, хеликоптерот е безбеден и ги испраќа податоците назад на Земјата.
Тим стручњаци ги проверува податоците за да го реши проблемот и да одреди нов датум на тестот.
За време на пробниот лет, минијатурниот хеликоптер тежок околу 1,8 килограми ќе лета до височина од околу три метри, ќе остане на едно место 30 секунди, а потоа ќе се врати на површината на Марс. На Марс притоа, температурата е минус 90 Целзиусови степени, има послаба гравитација и ретка атмосфера.
„Генијалност“ „пристигна“ на Марс со роверот „Упорност“ во февруари. Роботското возило оттогаш испраќа фотографии, видеоснимки и звук од Марс, па дури и првиот „самослик“.