Одлични резултати на Комерцијална банка: За шест месеци добивка од 48,1 милиони евра, за 4,1 отсто повеќе од истиот период лани

Позитивниот резултат е остварен во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата


Фото: Б. Грданоски

Водечката банкарска институција во земјава, Комерцијална банка АД Скопје во првите шест месеци од годинава оствари одлични резултати, продолжувајќи го повеќегодишниот нагорен тренд. Билансот на успех и Билансот на состојба на банката за периодот 01.01. – 30.06.2025 година објавени на Македонската берза, покажуваат дека Комерцијална банка остварила позитивен финансиски резултат односно добивка пред оданочување во износ од 2.960,1 милиони денари, или околу 48,1 милиони евра, што е за 4,1 отсто повеќе во однос на истиот период лани кога беше остварен позитивен финансиски резултат од 2.844,6 милиони денари или околу 46,2 милиони евра.

Планираната бруто-добивка за првата половина од годинава е остварена со 114,9 %.

Од Комерцијална банка посочуваат дека позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата.

Кај домашната инфлација во последните месеци се забележува тренд на благо забрзување (во мај и јуни достигна ниво од 3,7 % и 3,8 % на годишно ниво), а Народната банка го задржа внимателниот пристап во водењето на монетарната политика.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1 % пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот) и реализираните нето-загуби од тргување со ХВ, како и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.483,9 милиони денари и бележат благо намалување од 0,4 % во однос на истиот период минатата година. Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2025 година истите бележат мало зголемување од 1,1 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 101,3 %.

Приходите по основ на камата се зголемени за 1,7 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани. Расходите по основ на камата се зголемени за 5,9 % поради зголемените орочени депозити, споредено со истиот период минатата година.

Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена, од 3,88 % на крајот од првото полугодие од минатата година, на 3,63 % на 30.06.2025 година. Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2025 година изнесуваат 620,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат мало зголемување од 1,5 %. Планот за анализираниот период е остварен со 105,7 %.

Фото: Б. Грданоски

Нето-приходите од курсни разлики на 30.06.2025 година изнесуваат 217,0 милиони денари и бележат зголемување од 20,3 % во однос на истиот период минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 137,3 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2025 година изнесуваат 663,6 милиони денари и бележат намалување од 9,3 % во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на помалку остварени приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 105,2 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 30.06.2025 година изнесуваат 1.203,5 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 1,4 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 85,5 %.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.06.2025 година изнесува 315,5 милиони денари и бележи намалување од 32,8 % во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 469,4 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства во првата половина од 2025 година главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Во периодот од 01.01. до 30.06.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 4,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Вкупната актива на Банката на 30.06.2025 година достигна износ од 181.598,4 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 1,7 %. Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените парични средства и зголемените кредити на комитенти. Планот е остварен со 99,1 %.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 8,0 %, во најголем обем поради зголемената состојба на пласираните депозити до 7 дена во НБРСМ во споредба со декември 2024 година, а во помал обем и поради зголемената состојба на орочените девизни депозити преку ноќ во странство. Планот е остварен со 103,2 %.

Средствата за тргување бележат намалување од 45,2 % главно како резултат на нетоефектот од купени и продадени акции, а делумно и поради усогласување на портфолиото со пазарната вредност. Планот е остварен со 95,8 %.

Финансиските средства по објективна вредност преку Билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 380,7 милиони денари, се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови кои се зголемени како резултат на пазарното вреднување на уделите на КБ Инвест балансиран и паричен.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 3,8 % како резултат на доспеани девизни депозити во странски банки со рочност од 3 месеци до 1 година во валута УСД и нивно пласирање во позицијата девизни парични средства за потребите на редовно работење. Планот е исполнет со 114,0 %. Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 4,7 % како резултат на зголеменото кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства, со поголем придонес на нефинансиските друштва. Планот е остварен со 101,9 %.

Вложувањата во хартии од вредност се намалени за 7,7 %, главно како резултат на поголем износ на достасани од запишани континуирани државни обврзници во денари и државни записи во денари, како и повеќе достасани од запишани македонски еврообврзници. Планот е остварен со 90,1 %.

Фото: Б. Грданоски

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат намалување од 49,9 % по основ на продажби на преземен имот и извршено редовно 3 оштетување на дел од преземениот имот. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 156.685,2 милиони денари и бележат зголемување од 1,3 % во однос на декември 2024 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на домаќинства. Планот е остварен со 99,1 %.

Обврските по кредити изнесуваат 2.679,2 милиони денари и во однос на декември 2024 година се зголемени за 83,9 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Во извештајниот период се повлечени средства од кредитните линии: РБСМ Транша 1, 2 и 3 од Унгарскиот кредит наменет за компании, кредитната линија GEFF III на ЕБОР (кредитна линија за енергетска ефикасност на домаќинства), кредитната линија GFF (Green Finance Facility) на ЕБОР за финансирање проекти кои овозможуваат поттикнување инвестиции на МСП во високи технологии и услуги кои ја поддржуваат зелената економија во државата, кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2 и од линијата за дигитализација, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија (ДИГ/ЕЕ/ОИЕ) преку РБСМ. Планот е остварен со 166,7 %.

И покрај значителниот пораст на обврските по кредити, истите остануваат и понатаму со минимално учество од 1,7% во вкупните обврски на Банката. Значителното надминување на планот се должи на повлекувањата за Унгарскиот кредит кои не беа вклучени во планските проекции бидејќи во периодот на изработката на истите не беа достапни релевантни податоци од надлежните институции.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2025 година достигнаа износ од 20.977,4 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележат зголемување од 0,6 % како резултат на зголемените останати резерви по основ на прераспределба на дел од добивката за 2024 година во износ од 1.916,0 милиони денари, додека во задржана добивка за инвестициски вложувања се распределени 160 милиони денари согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка за 2024 година, донесена од Собранието на акционери на 03.04.2025 година. Планот е реализиран со 96,4 %. 3.

Во однос на очекувањата за претстојниот период од Комерцијална банка посочуваат дека макроекономските услови се условени од домашните политички случувања и од неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент.

Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе имаат позитивна насока, притисоците и зголемената неизвесност во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка, ММФ и Светската банка. Најновите макроекономски проекции на Народната банка, објавени во јуни 2025 година, прогнозираат раст на економијата од 3,0 % во 2025 година, во услови на понеповолно надворешно окружување. Се очекува главен носител на растот да бидат инвестициите, потпомогнати од најавениот јавен инфраструктурен циклус, но и од приливот на странски инвестиции и солидната кредитна поддршка на корпоративниот сектор од страна на банките.

И понатаму се очекува макроекономската стабилност да се остварува преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Во 2024 година просечната годишна инфлација достигна 3,5 %, додека за 2025 година најновите оцени на Народната банка упатуваат на проектирана стапка на инфлација од 3,0 %, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5 %. Нагорните ризици околу инфлацијата се поврзани главно со цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст, климатските 4 фактори и глобалните протекционистички трговски политики, како и со домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката.

Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка, во услови на постепено забрзување на економскиот раст и стабилизирање на очекувањата.

Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2 %, додека согласно најновите проекции од НБРСМ за 2025 година е проектиран на околу 9,0 %. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, како и мерките преземени од страна на Народната банка за натамошно поттикнување на штедењето, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,5 %.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, на ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, на навремено усогласување со техничките барања за процесирање на плаќањата преку единствената европска платежна област – СЕПА, на прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, на имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.

 

Исплатени дивиденди

Комерцијална банка на 07.05.2025 година изврши исплата на дивидендата за 2024 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 22.04.2025 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2024 година во износ од 2.848.833.750,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 1.426.003.750,00 денари и на физички лица во износ од 1.422.830.000,00 денари. Износот на дивиденда по една акција е 1.250,00 денари, односно 125,0% во однос на номиналната вредност на акцијата.