Одлична летна иницијатива во Скопје: Бесплатно земете книга и оставете друга


Книгите добиваат нови читатели, а љубителите на читањето нова можност да откријат интересни наслови.

Култура Бета ги наполни куќичките за размена на книги на повеќе локации низ Скопје, како дел од иницијативата „Ослободи ја домашната библиотека! Ослободи ја младинската култура!“.

Во куќичките се достапни светски класици, македонска проза, поетски збирки, лектири, како и книги за деца и млади. Дел од нив се донации собрани во изминатите две години, а сега продолжуваат да живеат преку слободна размена меѓу читателите. Куќичките се наоѓаат пред Културно информативниот центар – Скопје и пред Детскиот културен центар „Карпош“

Концептот е едноставен – земете книга што сакате да ја прочитате, а доколку имате книга што сакате да ја споделите, оставете ја на нејзино место. Така секоја книга добива нов живот, а куќичките остануваат достапни за сите.

 

Од Култура Бета најавуваат дека оваа активност ќе продолжи и во наредниот период. Наскоро ќе бидат дополнети и куќичките на други локации низ Скопје, со цел уште повеќе граѓани да имаат бесплатен пристап до книги и да се поттикне културата на читање.