Одгледувачите на крави конечно ги добија субвенциите по грло за 2025
Сега ја чекаат премијата за млекото
БИТОЛА – Одгледувачите на крави денеска конечно зедоа субвенции по грло говедо за 2025 година. Притисокот кај сточарите беше голем бидејќи Владата ги проби сите рокови за исплата на субвенциите за кравите и козите. И козарите се исплатени пред некој ден, додека одгледувачите на овци субвенциите за 2025 година ги зедоа на почетокот на април.
Но, државата повторно има должи на сите сточари за предаденото кравјо, овчо и козјо млеко во откупувачки капацитети за шест месеци од 2025 година и сега за некој ден, заклучно со август ќе им ја должи премијата и за 8 месеци од оваа година.
Како ретко кога досега исплатата на субвенциите за сточарите се одвиваше со голем притисок од одгледувачите на крави, кои последно овој месец најавија и блокада на граничниот премин Меџитлија на македонско-грчката граница. Во услови кога се подготвуваат за зимата и треба да набават сточна храна тие се во долгови и без пари.
Ако се соберат податоците од Платежната агенција според исплатата на субвенциите за кравите, овците и козите по грло, во државата вкупно имаме 7.582 сточари кои ги исполнуваат условите за државни субвенции. Државата за 2025 година на име субвенции на сточарите им исплати околу 1,5 милијарда денари или околу 24 милиони евра.
Доцнењето на субвенциите за одгледувачите на крави и кози според власта се должеше на ребелансот на буџетот, а премиерот Христијан Мицкоски кажа дека исплатата на субвенциите ќе почне кога ребалансот ќе биде објавен во „Службен весник“.
Денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, објави дека на 4.284 одгледувачи на говеда, им исплати 372.201.760 денари.
„Средствата во висина од 8.000 денари по женско грло се исплатени по мерка 2.1 која предвидува директни плаќања за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци“, објави Платежната агенција.
Условот за да земат субвенции по грло во висина од 8.000 илајди денари е сточарот да има минимум три крави.
Дел од сточарите на социјалните мрежи негодуваат дека им се скусени парите за субвенции.
Гицка Горгиева сточар од Карбинци вели дека за пет крави требало да земе 40 илјади денари субвенции а и биле исплатени 32 илјади денари.
Други пак пишуваат дека нема исплата на средствата на нивната сметка.
Пред два дена субвенции добија и одгледувачите на кози. Според Платежната агенција извршена е исплата на финансиска поддршка за одгледување на кози за 2025 година за 1.159 сточари, во вкупна вредност од 85.784.580 денари.
На трети април годинава субвенции по грло овца зедоа 2.139 одгледувачи на овци на кои им беа исплати 1.021.527.000 денари.
Средствата беа исплатени за одгледувачи на овци кои поседуваат минимум 30 овци постари од 12 месеци.
Состојбата во сточарството според сточарите е дополнително отежната со падот на цената на откупното млеко. Дел од млекарниците цената на литар млеко ја намалија и на 22 денари. За разлика од лани цената на литар сурово млеко падна за дури 10 денари од литар.