Одбојкарите вечерва во Атина ќе ги измерат силите со Грција

Атмосферата како и секогаш е позитивна, мотивираноста на ниво, играчите подготвени, пред сè да го дадат својот максимум, вели за МИА селекторот на македонската одбојкарска репрезентација Јошко Миленковски пред денешниот натпревар со Грција во Атина во квалификациите за Европското првенство 2026, додека пак капитенот Никола Ѓорѓиев посочува дека пред сè очекуваат добра игра.
Машката одбојкарска репрезентација вчера пристигна во грчката метропола, синоќа тренираше во спортската салата на Олимпијакос каде што вечерва ќе ги измери силите со домаќинот, а на 24 часа пред еден од клучните натпревари, во разговор со дописничката на МИА од Атина Миленковски и Ѓорѓиев ги пренесуваат нивните очекувања за претпоследниот натпревар во квалификациите што може да го отвори патот кон учество на Европското првенство, што ќе биде четврто за нас.
Капитенот Ѓорѓиев вели дека имале напорно патување до Атина и видлив е уморот на играчите, но сепак изразува надеж дека брзо ќе се адаптираат на салата што е со капацитет за прими околу 1.800 гледачи и е доста помала од „Борис Трајковски“ каде што тренираа постојано, но и истакнува дека „атмосферата во репрезентација е на многу високо ниво“.
– Ќе се бориме, го видовме составот на Грција, тие се практично сите исти иако се веќе пласирани на Европското првенство. Гледам дека не калкулираат. Ние ќе си ја гледаме нашата игра, за нас претставува голем натпревар меѓутоа нема да си поставуваме никаков императив, победа и сл. Одиме прво да одиграме добро и сè што можеме да направиме. Оваа генерација секогаш оди на победа, сигурно ова потсвесно постои, а крајната цел е Европското првенство е сега дали тоа ќе го постигнеме со еден или два сета, па победа над Грузија или како, ќе видиме, вели Ѓорѓиев.
Селекторот Миленковски нагласува дека мотивираност ќе биде голема и кај двете репрезентации.
– Атмосферата како и секогаш е позитивна, мотивираноста на ниво, играчите подготвени, пред сè да го дадат својот максимум. Резултатот каков ќе биде не зависи само од нас, играме против една репрезентација која е меѓу најдобрите европски репрезентации. Во европската лига игра фајналфор се пласираше во самата завршница. Во составот имаат играчи од најдобрите грчки клубови Олимпијакос, Панатинаикос, ПАОК со големо искуство играат во силна лига како што е грчката и тие сигурно ќе бидат мотивирани да го покажат најдоброто и да го обезбедат првото место, затоа што со победа тие би го обезбедиле првото место што носи потоа предност понатаму во ждрепките за европското првенство. Значи мотивираноста ќе биде обострана и на двете страни и едните и другите ќе пробаат да го дадат својот максимум, посочува Миленковски.
Објаснува дека денешниот натпревар е еден од клучните, меѓутоа не и најклучен, затоа што во недела играме со Грузија, натпревар што најмногу ќе одлучува, но од друга страна со добар резултат вечерва, тој натпревар за репрезентацијата ќе биде поопуштен.
-Јасно е дека секој поен, секој сет е многу значаен и ќе ни помогне многу за да ни ја отвори вратата кон Европското првенство. Нема да биде лесно, меѓутоа веруваме во нашите сили, во нашите можности. Играме против силна репрезентација и неизвесно ќе биде до самиот крај. Најважно е што мислиме дека имаме сили да го постигнеме она што ни треба. Дали ќе биде тоа победа или ќе биде сет или два, без разлика, секој резултат освен, се разбира, убедлив пораз, понатака ќе ни ги отвори вратите на тоа Европско првенство и натпреварот со Грузија да го играме поослободено и да одиме на уште едно Европско првенство, четврто по ред,
Домашниот терен предност за Грција, но само теоретски
Грција, која важи за фаворит и во групата Ф е на првата позиција без пораз, игра на домашен терен, во сала што никој не знае дали ќе биде исполнета, со оглед на тоа што влезот е бесплатен и не постојат податоци за бројот на гледачи што ќе го следат натпреварот.
Во однос на тоа дали сето ова ќе значи и предност за домаќините, селекторот и капитенот на македонската репрезентација за МИА коментираат дека нашите одбојкари имаат искуство и на потешки натпревари.
-На гостински терен е многу тешко да се игра, посебно во вакви сали како што е оваа на Олимпијакос, каде што овие играчи кои настапуваат за грчката репрезентација имаат освојувано бројни титули. Меѓутоа и ние сме навикнати да играме големи натпревари, Всушнот имаме три европски првенства по ред. Имаме победувано и подобри репрезентации, посочува селекторот.
Капитенот пак категоричен, не верува дека Грција вечерва преку играњето на домашен терен ќе има играч повеќе.
– Сите ние сме многу искусни, имаме одиграно многу натпревари зад себе, така што домашниот терен, барем за мене, од моја гледна точка не би требало да претставува некоја многу голема предност за нив. Што се однесува до нас, ние некогаш играме подобро на страна, отколку дома, бидејќи дома нели имаме повеќе притисок, нели фамилии, пријатели, цела Македонија те гледа, така што мислам дека ќе бидеме на нивото на задачата и ќе биде една убав и тежок натпревар, истакнува Ѓорѓиев.
Машката репрезентација, освен успесите со учество на три Европски првенства, има и искусни одбојкари со голема и богата кариера, па со селекторот Миленковски и капитенот Ѓорѓиев поразговаравме и за состојбата со одбојката во нашата земја и колку конкретниот спорт е популарен меѓу младите.
Миленковски, кој е тренер на грчки ПАОК, вели дека одбојката е популарна кај нас, можеби не на ниво како што е во Грција или во други европски земји, но сепак младите го сакаат овој спорт, особено девојчињата.
– Кај женската популација е најпопуларен спорт и најброен затоа што има најмногу девојчиња во овој спорт. Кај мажите, можеби има одредена стагнација по бројноста на одбојкари, меѓутоа и овие кои се тука, веќе подолго време, на подолг период помагаат, работат и играат за популаризација на нашиот спорт. Сигурно дека тоа не е на нивото како што е грчката одбојка или многу водечки европски сили, меѓутоа фактот што сме учесници на три Европски првенства по ред, дека и во третото учество во Златната европска лига каде што играат екипи што се сите учеснички на европските првенства и го задржуваме статусот на евролигаши на екипи кои играат во Златната лига зборува дека квалитетот постои, играчите се доста популарни во нашите медиуми, така да мислам дека сме на добар пат да го продолжиме сето тоа, вели Миленковски.
Посочува дека она што треба да се подобрува е бројот на одбојкари, бројот на квалитетни тренери кои ќе произведуваат квалитетни одбојкари.
Капитенот Ѓорѓиев кој има богата кариера смета дека за жал одбојката не е многу популарна, со исклучок на машката национална репрезентација, за која вели дека е малку повеќе популарна за разлика од клубовите.
– Клубовите си се популарни во своите градови, на пример играчите на ОК Струмица, играчите на ОК Штип се популарни во нивните градови. Надвор од тоа не сум сигурен доколку не се членови на македонската национална машка репрезентација. Меѓутоа се надевам дека со нашите успеси, еве дај Боже и со четврто Европско првенство коешто сите го сонуваме и работиме за тоа, ќе успееме уште повеќе да ја подигнеме, а сигурно и дека еден убав успех на еден клуб на европско ниво од споменатите два кои оваа година играат во Европа, сигурно некако уште повеќе ќе ја популаризира одбојката но и самит играчи, истакнува капитенот.
Вчерашниот тренинг на одбојкарите, на кој присуствуваше дописничката на МИА од Атина, беше речиси во исто време со денешниот натпревар, а пред македонската репрезентација, тренинг одржаа и домаќините.
Затворената спортска сала „Мелина Меркури“ во населбата Ренти во близина на Пиреја, што го носи името на грчката актерка и политичарка, ја користат машкиот и женскиот одбојкарски тим на Олимпијакос, како и младинските категории и има капацитет од 1.800 седишта.
Натпреварот е закажан за 20 часот по локално, 19 часот по македонско време, а влезот е слободен.