Одбележана годишнината од депортацијата на македонските Евреи: Сеќавањето мора да се одржи живо
Не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи, беше кажано на комеморацијата
Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност. Затоа, не смееме да се свртиме од минатото и не смееме да се плашиме од најтемните поглавја од историјата, туку да ги признаеме ужасните извесности, како и празнините, неизвесностите и прашањата што остануваат без јасни одговори до ден денес. Не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи. Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина, беа пораките упатени денеска од поранешниот Монопол во Скопје, каде што беа одбележани 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.
Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во своето обраќање кажа дека и по 83 години чувството не е поразлично и оти горчината и болката никогаш нема да поминат.
„Пред точно 83 години овде времето запре. Овде исчезна една заедница. 7.144 Евреи исчезнаа во логорот Треблинка. Исчезнаа Калдерон, Леви, Нахмијас, Камхи, Русо, Садикарио, Мизрахи, Фараџи, Алба, Шами, исчезнаа илјадници наши блиски, наши роднини. Патот кон Треблинка започна овде, во Монополот. Од сточните вагони на БДЖ, натоварени како товар, не како луѓе, без достоинство, без милост, без трошка човечност. Ладнокрвноста со која се организирани овие транспорти останува еден од најстрашните докази за тоа колку брзо државниот апарат на нацистичка Германија, преку своите сателити, бугарските окупатори, може да се претвори во совршена машина на смрт“, рече Леви.
Тој потсети дека 98 проценти од еврејската популација во Македонија беше избришана, и оти тоа е еден од највисоките проценти на уништување во цела окупирана Европа.
„Денес, осум децении по крајот на војната, ние сме сведоци на постојани обиди за глорификација на нацистите и нивните соработници. Се создаваат паралелни наративи, се брише одговорноста“, истакна Леви.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер рече дека како претставник на Германија и како германски граѓанин, длабоко е трогната од поканата од Еврејската заедница да се обрати на денешното одбележување на Холокаустот на македонските Евреи.
„Нашето заедничко сеќавање стана вредна традиција, длабоко емотивно искуство секоја година. Дури и 83 години подоцна, степенот на суровост и бруталност што им се нанесе на еврејските семејства од Битолско, Скопско и Штип тука во импровизираниот логор за депортација во фабриката за тутун Монопол останува несфатлив. Ова за повеќето од нив беше едно од последните места што ќе ги видат пред да бидат убиени во логорот за истребување Треблинка“, рече Дрекслер.
Холокаустот, истакна амбасадорката, не започна со германските фабрики на смртта.
„Индустријализираното уништување беше кулминација на невиден, намерен и ужасен напад врз цивилизацијата. Тоа произлезе првенствено од длабоката омраза на Хитлер кон еврејскиот живот. Оваа омраза доби алатки што ќе се преведат во холокаустот. Антисемитизмот, исклучувањето, пропагандата, институционалниот расизам и широко распространетата рамнодушност, сите го отворија патот за систематско уништување. Гледајќи наназад кон ужасите од Втората светска војна со нашето денешно знаење, го правиме тоа со прашања за историската одговорност. Во 1985 година, тогашниот сојузен претседател Рихард фон Вајцзекер ја повика Германија да го прифати своето минато. Овој повик продолжува да резонира и денес, барајќи одговорност, а воедно признавајќи дека не постои нешто како вина или невиност на цела нација. Вината, како и невиноста, не е колективна, туку лична. Ова не оправдува ништо. Напротив, тоа е повик за акција за сите нас“, рече Дрекслер.
Таа додаде:
„Ја признаваме оваа одговорност. Го прифаќаме нашето минато знаејќи дека минатото не може да се надмине затоа што она што се случило не може да се поништи. Прифаќањето на минатото значи признавање дека сите сме погодени од неговите последици. Прифаќањето на минатото исто така значи и одржување на сеќавањето живо. На сите оние чии гласови се неповратно замолчени, им должиме да се сетиме. Го должиме ова сеќавање и на самите себе, за да нè заштитиме како човечки суштества од нашата тенденција да го тргнеме погледот од нечовечноста. И ја должиме нашата должност да се сетиме на потомците кои никогаш нема да заборават“, заклучи германската амбасадорка.
Премиерот Мицкоски во своето обраќање порача дека сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност.
Тој истакна дека денеска стоиме во тишина и со длабока почит пред една од најболните страници во нашата историја и се сеќаваме на депортирањето на македонските Евреи, трагедија што засекогаш го обележа нашето колективно паметење.
Премиерот заклучи дека еврејската заедница оставила неизбришлива трага во историјата на оваа земја, а нејзиниот придонес во културата, образованието, стопанството и општествениот живот е дел од нашето заедничко наследство.
Евреите од Битола, Штип и Скопје, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол и од таму во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. Транспортот на Евреите од Македонија започна на 22 март 1943 година, а до 29 март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил. За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7.144-те македонски Евреи. (МИА)