Одбележан денот на депортацијата на македонските Евреи


 

Со пригоден настан во кругот на поранешниот Монопол денеска беа одбележани 82 години од депортацијата на македонските Евреи, кога бугарските фашистички власти во соработка со нацистите депортираа 7.144 мажи, жени и деца. На настанот зборуваа претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и премиерот Христијан Мицкоски.

„Пред Втората светска војна, во Македонија живееше динамична, просперитетна и богата еврејска заедница. Евреите беа не само граѓани, туку и значаен дел од културниот, економскиот и социјалниот живот. Нивното присуство беше дел од нашата историја со векови. Таа година во март, тогашната фашистичка бугарска окупациска власт, во координација со нацистичките власти, наредија апсење и депортација на сите Евреи од тогашната Вардарска Македонија. 7.144 мажи, жени и деца беа присилно собрани и одведени во привремениот логор во Скопје, во објектот на тогашниот „Монопол“. Цела една заедница, цели семејства, цели генерации беа загубени“, истакна Мицкоски во своето обраќање.

Премиерот Мицкоски подвлече дека кога злото се шири, кога неправдата се врши, кога насилството станува правило, ако луѓето молчат тогаш злото победува и затоа според него, наша обврска денес, како и секој ден, е да зборуваме, да не дозволиме нови генерации да пораснат без да ја знаат вистината, да не дозволиме омразата да најде ново тло за да никне, да се бориме против секоја форма на антисемитизам, дискриминација и омраза, да ги учиме нашите деца дека толеранцијата, хуманоста и солидарноста се темелите на едно праведно општество и да не молчиме пред неправда.