Од овации до ѕвездено небо: „К-15“ не насмеа до солзи на јубилејното шоу во Скопје

Не видовме високи функционери од актуелната власт во ВИП партерот, ама затоа со овации и смеа од почеток до крај публиката синоќа ги поздрави Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Љупчо Бубо


Празни беа улиците во Македонија кога  се емитуваше на ТВ култното хумористично шоу „К-15“ во текот на 90-тите, се до 2013 година, а синоќа, на првиот од трите јубилејни концерти, арената „Борис Трајковски“, беше преполна со фанови и љубители на добрата сатира и хумор, која уште се имитира и се прераскажува од генерација на генерација, со ненадминливите ликови Миле Паника, Тоше Малерот и Цацко Конопишки.

Македонија е посиромашна без ова шоу преку коешто се пренесуваше уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество, а од кое, како што потсети од видеобим, синоќа, Игор Џамбазов, политичарите се плашеа. Се уште во секојдневната комуникација ги споменуваме нивните фори, и ги пееме култните песни на „Дуо Трио“. Останаа една од најсаканите емисии и ликови во македонската стварност. Во 2023 година, тогашниот претседател на Македонија Стево Пендаровски им додели Ордени за заслуги.

Силен полициски кордон синоќа ја пречека публиката пред влезот на „Борис Трајковски“ како засилено обезбедување по најавите за лажна бомба во СЦ „Јане Сандански“. Фановите на шега коментираа дека е заради доаѓањето на претседателката Гордана Силјановска-Давкова која ни каде не оди без пет телохранители. Не видовме високи функционери од актуелната власт во ВИП партерот, ама затоа со овации и смеа од почеток до крај публиката во преполната арена „Борис Трајковски” синоќа ги поздрави Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Љупчо Бубо  на првото шоу во живо со кое прославуваат 30 години К-15. Вечерта помина многу музика, смеа и емоции. На сцената се редеа некои од најлегендарните скечеви, но и неочекувани нови скечеви, со кои се коментираше и сегашната состојба во земјата – духовито, храбро и препознатливо по стилот на К-15.

Посебна реакција предизвикаа громогласната изведба на „Ти си некаде” од Цацко и раскажувањето на „Кичмата”, пеглањето на Тошо, Климе, Тошо и појавувањето на Бапчо.

 

Целиот настап беше придружуван од голем оркестар со над 30 врвни музичари, диригирани од маестро Џијан Емин, кој стои зад оркестрациите на песните на „Дуо Трио”, а публиката имаше можност да чуе и сосема нова песна.

Режијата е дело на Синиша Евтимов, кој ја обликуваше вечерта во вистинско театарско и музичко доживување, со поздрави од јавни личности преку видеобим за значењето на „К-15“ и како омаж на другите актери и славни фаци кои се појавиле во шоуто низ годините.

На крај, публиката ги почести ликовите со ѕвездено небо во Арената, што беше посебен магичен момент за Македонија.

Ова беше само првата од трите планирани вечери – нешто што досега не му успеало на ниту еден македонски артист: три последователни настапи во најголемата арена во земјава.

Л. Сабит