Ноќната тура низ МСУ ги откри тајните на полската школа на колаж (фото)


Музејот на современа уметност во Скопје синоќа наликуваше на светските музеи кога посетителите од сите генерации ја имаа ретката можност со личен водич да ги погледнат актуелните изложби и да посведочат на креативната работа на ексклузивните гости на Музејот, полските  уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, едни од најзначајните европски уметници од својата генерација. 

Утревечер, четврток, во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Полска школа на колаж“ со дела од овие уметници. Полскиот уметнички тандем Алтхамер и Жмијевски, изминативе две недели во една од салите на музејот создаваа нови дела. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.

Тито „ги обедини Истокот и Западот“ кога пристигнуваше светската помош за разурнато Скопје.- Антиквитет со ликот на претседателот на Југославија  купен во Скопје во златна интерпретација на Жмијевски

 

Кустосот Бојана Јанева на почеток се осврна на улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ  која е од непроценливо значењи за МСУ  како симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк, ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници).

Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела.

Возбудливо беше синоќа да се посведочи на нивниот колаборативен процес на работа, насловен како „Отворено студио“ во чии рамки уметниците ги создадоа делата кои ќе бидат изложени на претстојната изложба во четврток. Станува збор за 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони…  Голем куриозитет е што дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција.

Лани, Жмијевски за првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот.

За Павел Алтхамер, ова ќе биде прво претставување во Скопје.

Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерна во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен…

Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на бројни награди, како што е биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.

Проектот e дел од Интердисциплинарната програма на МСУ и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ЕВН Македонија.