Се подготвува изборното Собрание на ДПМ, рокот за кандидатури за нов претседател истекува на 15 мај


Фото: Б. Грданоски

Управниот одбор на ДПМ соопшти дека подготовките за Годишното изборно Собрание закажано за 1 јуни, годинава во просториите на ДПМ се во тек, согласно одлуките на Управниот одбор на Друштвото и според однапред зацртана и утврдена динамика.

-Како прво, се наметна потребата за ажурирање на постоечкиот Регистар на членови на ДПМ по неколку основи, како на пример бришење на починатите членови и членовите кои доброволно истапиле од друштвото. Покрај тоа, во тек е и иницијативата членовите да го потврдат своето активно членство со подмирување на заостанати членарини помеѓу две изборни Собранија (за 2023 и за 2024 г.), со краен рок до 12.05.2024 г. За таа цел, беше контактирано речиси целото членство (269 члена) и тоа по електронски пат или по пошта, со укажување дека со подмирување на двете членарини членовите ќе се стекнат со право за активно учество на Собранието, односно со право на глас. Со ажурирањето на Регистарот на ДПМ и со потврдувањето на активното членство ќе се утврди и кворумот неопходен за одржување на изборното Собрание, се наведува во соопштението.

Напоредно со овие активности, се посочува, се одвива и процесот за измени и дополнување на постоечкиот Статут на ДПМ.

-За таа цел е ангажиран соодветен тим правни лица кој веќе работи на изготвувањето на измените и дополнувањата согласно Законот за здруженија од доменот на културата, со цел новиот Статут да биде благовремено (најдоцна до 20.05.2024 г.) испратен до членството на разгледување, а потоа предложен за усвојување на изборното Собрание, се посочува во соопштението од потпретсеателот на УО на ДПМ Зоран Анчевски.

Исто така, во тек е процесот за прибирање кандидатури за нов претседател на ДПМ. Рокот за нивното поднесување завршува на 15.мај 2024 г. Кандидатурите и предлог-програмите на кандидатите исто така ќе бидат испратени на разгледување до членството со цел тоа навреме да биде запознаено со кандидатите и нивните планови и идеи за натамошен развој на ДПМ, како најстаро и најмасовно писателско здружение во зeмјата, стои во соопштението