Од концесиски надоместоци во вториот квартал годинава наплатени се речиси 300 милиони денари
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека од концесиски надоместоци за експлоатација на минерални суровини во вториот квартал од 2026 година се наплатени 299.461.897 денари, што претставува зголемување во однос на истиот период минатата година, кога биле наплатени 293.330.528 денари.
Во споредба со вториот квартал од 2024 година, кога наплатата изнесувала 136.204.491 денари, годинашниот износ е повеќе од двојно повисок, велат од Министерството.
„Со ова, во првата половина од 2026 година вкупно се наплатени 573.918.284 денари по основ на концесиски надоместоци. За споредба, во истиот период во 2025 година биле наплатени 568.220.573 денари, а во 2024 година 259.483.981 денари“, се вели во соопштенито до медиумите.
Од Министерството велат дека растот на наплатата е во корелација со мерките за унапредување на системот на концесиски надоместоци, вклучително и зголемувањето на надоместокот, но и со континуираното следење на обврските на концесионерите.
Министерството продолжува со редовни контроли и инспекциски надзори со цел доследно почитување на концесиските договори, навремено исполнување на финансиските обврски и заштита на јавниот интерес при користењето на минералните суровини.
Контролите опфаќаат следење на исполнувањето на договорните и законските обврски, како и проверка на податоците релевантни за утврдување и наплата на концесиските надоместоци соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.