Од еколошката такса на возилата ќе се распределат 229 милиони денари за еколошки проекти


Фото: Б. Грданоски

Околу 4 милиони евра ќе подели Министерството за животна средина преку Јавниот конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година, кој е отворен следните три недели.

Овој конкурс се спореведува секоја година, согласно член 174 од Законот за животна средина.

Овие пари доаѓаат од еколошката такса која се плаќа при регистрација на возилата.

– Целта на оваа програма е да се поттикнат и финансираат конкретни проекти, активности и иницијативи, кои ќе придонесат за заштита, унапредување и одржливо управување со нашата животна средина. Вкупниот износ оваа година изнасува 229 милиони денари, поделени во четири главни намени: 100 милиони за изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи за одведување и пречистување на отпадни води; 100 милиони денари за изработка на техничка документација за изградба и надградба на водоводни системи; 10 милиони денари за поттикнување на образовни, истражувачки и развојни проекти и 19 милиони денари за подигање на свеста, едукација и обуки поврзани со заштитата на животната средина – рече Изет Меџити, министер за живтона средина, на денешната прес-конференција.

Средствата се наменети за општини, но и за правни и физички лица, невладини организации и научни институции.

Процесот на избор и распределба на средствата, појасни тој, ќе се спроведува транспарентно и објективно, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи организациска структура, ефективност на буџетот, влијание на проектот и усогласеност со национални стратегии. Рокот за аплицирање изнесува три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страна на Министерството и се прилагодени според типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.

Особено охрабрување беше упатено до стартапите и технолошките компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.

-Овој Конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност, повика министерот Меџити.

Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени по завршувањето на процесот на евалуација, беше истакнато на прес-конференција.