Oд Дебар до Тирана за еден час: На 14 март се пушта тунелот Муриз


На 14 март во употреба ќе биде пуштен тунелот Муриз, дел од автопатот „Патот на Арбр“, со што патувањето од Дебар до Тирана ќе се намали на еден час.

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура на Албанија, Белинда Балуку, по извршениот увид, изјави дека со отворањето на тунелот ќе стане целосно функционален автопатот долг 74 километри, кој претходно беше над 180 километри.

„Овој автопат ќе биде важен коридор за поврзување Исток-Запад, ќе ги доближи Тирана и цела Албанија до Дебар и Северна Македонија, но и ќе поттикне економски развој и туризам“, рече Балуку, пренесува МИА.

„Со должина од околу 74 километри „Патот на Арбр“ ќе стане важен коридор за поврзување Исток-Запад. Не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија со Дебар и Северна Македонија, туку ќе биде и артерија на економскиот развој и туризмот. Исто така, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ќе ја поврзува Тирана со Пешкопеја, како и со Северна Македонија, Дебар, Тетово и Скопје, така што ќе биде меѓународен пат за поврзување“, рече Балуку.

Тунелот Муриз, долг 3,78 километри, започна да се гради во 2019 година, но работите се одвиваа побавно поради сложените геолошки услови. Автопатот има вкупно седум тунели со должина од 8,5 километри, како и четири моста, од кои еден е највисокиот на Балканот со 158 метри.

Со пуштањето на автопатот во ноември 2021 година, значително е зголемена фреквенцијата на патници на граничниот премин „Блато“. Минатата година, според македонското МВР, регистрирани се 834.345 патници, што е за 120.086 повеќе од претходната година.