Од црно, поцрно во Русија – рекордни 1.106 починати во еден ден од корона

Русија во вторникот пријави 1.106 смртни случаи од Ковид-19 во изминатите 24 часа, што е највисока бројка од почетокот на пандемијата, во услови на пораст на нови случаи што ги натера властите повторно да воведат делумни мерки за заклучување.
Дневните смртни случаи достигнааа нови рекорди во шест од изминатите осум дена. Властите објавија и 36.446 нови инфекции, во споредба со 37.930 еден ден порано.
Ројтерс потсетува дека Русија ќе влезе во затворање на работните места на национално ниво во првата недела од ноември, а главниот град Москва повторно ќе воведе делумно заклучување од 28 октомври, при што ќе бидат дозволени да останат отворени само основните продавници, како што се аптеките и супермаркетите.
„Москва тајмс“ пишува:
Со тоа официјалниот број на загинати достигна 232.775 – највисок во Европа – иако властите се обвинети за драматично минимизирање на таа бројка.
Анализата на „Москва тајмс“ за прекумерните смртни случаи објавена од федералната агенција за статистика „Росстат“ го става вкупниот вишок на смртност во Русија од почетокот на пандемијата на 660.000.
Русија има петти највисок вкупен број случаи во светот со повеќе од 8,3 милиони инфекции од почетокот на пандемијата, со позаразната варијанта Делта и тврдоглаво ниските стапки на вакцинација кои го поттикнуваат ширењето на вирусот од летото.
Само околу 36% од Русите се целосно вакцинирани и покрај достапноста на четири домашни вакцини и неколку региони кои бараат задолжителни вакцини за одредени категории работници.