Од 19 пратеници на „Европскиот фронт“ само десет се на ДУИ


Од 19 пратеници на „Европскиот фронт“ само десет се на ДУИ- покажува симулацијата објавена од Државната изборна комисија (ДИК) според 100 отсто обработени избирачи.Останатите девет пратенички мандати se распоредени кај други партнери во „Европскиот фронт“, главно партии кои ги застапуваат интересите на Албанците во државата.

Свои пратеници, во рамки на коалицијата во идниот парламентарен состав, ќе имаат и Алијанса за Албанците (АА), Демократската партија на Албанците (ДПА), Народно движење, Демократската партија на Турците и Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.

Денес вицепремиерот Артан Груби прогласи убедлива победа на „Европскиот фронт“ на двојните избори и оцени оти коалицијата првпат во историјата е втора сила во државата. „’Европскиот фронт’ има двојно мнозинство во Собранието. Али Ахмети повторно постигна голема победа и останува непоразен на политичката сцена во земјата“,напиша Груби во денешната објава на Фејсбук. Ако за споредба се земе бројот на мандати кои Демократската унија за интеграција ги има во пратеничкиот состав во заминување, партијата бележи пад по овие избори. Односно, пред изборите, ДУИ имаше 13 пратеници во Собранието. На изборите во 2020 година, всушност, освоија 15, но потоа се случи расколот со Изет Меџити и Мерита Коџаџику. За споредба, на вчерашните единаесетти парламентарни избори од осамостојувањето на државата, ДУИ освои десет пратеника. Тоа е пет помалку од изборите во 2020 година, односно три помалку од пратеничкиот состав непосредно пред изборите.