Од 145 училишни спортски сали изградени само половина, државните ревизори откриваат зошто


Наместо 145 училишни спортски сали, до сега се пуштени во употреба само 76. Односно, во периодот од 2009 до 2019 година реализирани се само 51,72 отсто од објектите предвидени со проектот за изградба на училишни спортски сали, констатира Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за успешност на проектот за подобрување на условите за спортување на децата од основното и од средното образование.

Ова е само една од бројните забелешки што ги констатираат ревизорите во извештајот за успешност. Покрај другото, се наведува дека договорот за изведба на градбите – 145 училишни спортски сали, склучен со изведувачот, не соодветствува со моделот на договор од тендерската документација, потоа дека роковите на изведба на сите завршени градби и на оние во тек се надминати… Ревизорите констатирале и дека роковите за реализација на изведбените работи се пролонгирани неколку пати, од предвидените 3 години рокот на завршување на проектот е пролонгиран до 2024 година, или во период од 15 години. Поради бројни пропусти ревизорите не можеле да ја оценат успешноста во спроведување на проектот, што е и целта на ревизијата. Сепак, велат дека со оглед што проектот уште се спроведува постои можност и време да се надминат слаабостите и неусогласеностите, како и да се забрза реализацијата на активностите.

Станува збор за проектот за Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали како дел од Програмата на Владата за 2006 – 2010 година чија цел беше да се подобрат условите за физичко образование во основните и во средните училишта, како и да се поттикнат младите на спортски активности. Со проектот беа опфатени сите 80 општини и Градот Скопје, за што беа изготвени две физибилити студии, едната во 2007 година која опфаќаше изградба и опремување на 30 спортски сали, а другата во 2010 година за изградба на 115 спортски сали и рехабилитација на училишта. Во извештајот на ревизорите се елаборираат и другите компоненти на проектот кој опфаќа и изградба на училишта, обука на кадрите и тн.

Основниот договор за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали е склучен со економски оператор уште во 2009 година, но потоа се склучени пет анекси (во 2010 година, во 2014, па во 2018 два пати, со што постојано се пролонгирал рокот за реализација, за на крај тој сега да биде дури во 2024 година. Анекс бил склучен и за да се усогласи основниот договор со новиот Закон за јавни набавки. Во меѓувреме била отворена и стечајна постапка кон операторот што го спроведувал надзорот, па било пристапено кон раскинување на договорот и активирање на банкарската гаранција, а со оглед дека била во тек изградба на девет спортски сали, за да се избегнат дополнителни трошоци заради прекинување на градежните работи, без јавен тендер бил склучен договор со друг економски оператор за надзор, за што имало согласност и од Советот на јавни набавки.

Во меѓувреме било овозможено и намалување на финансискиот товар на економскиот оператор преку намалување на вредноста на банкарската гаранција.

„Во досегашниот период завршени се и пуштени во употреба 76 училишни спортски сали, во тек е изградбата на 14 сали, а минатата година била почната изградба на сали во 12 основни и едно средно училиште“, се вели во ревизорскиот извештај. Истовремено, до сега се доопремени 49 училишни спортски сали со потребната спортска опрема и рекввизити.

Во извештајот исто така се објаснува детално и финансиската конструкција односно заемите земени од Банката за развој при Советот на Европа за оваа намена, но и дека дел од рехабилитациите на училиштата предвидени со проектот биле реализирани од страна на Град Скопје, од општините и со разни донации.

Покрај буџетски средства, за реализација на проектот се добиени и два заеми од Банката за развој при Советот на Европа, едниот во износ од 12,5 милиони евра (при што предвиденото буџетско учество изнесува 1,8 милиони евра), а другиот заем е во износ од 30 милиони евра плус буџетско учество од 15 милиони евра.

И покрај тоа што станува збор за сигурен извор на финансирање (заем и буџет) поради необезбедување на буџетски средства МОН повеќе пати не успеало да ги обезбеди планираните финансиски средства што е една од причините за ненавремена реализација и пролонгирање на рокот на изведба на градбите, се вели во ревизорскиот извештај, при што се наведуваат и конкретни периоди кога од Буџетот биле одобрени само 2,21 отстоод бараните средства од МОН, како што на пример бил случајот во 2018 година.

Поради енормно пролонгираниот рок на изведување, очекуваните ефекти изминатиот период не можат да бидат потврдени, се вели во заклучокот на ревизорскиот извештај.

Притоа, се додава дека со ревизијата се констатира дека за наведената состојба постојат повеќе причини – од недоволно подготвениот економски оператор како изведувач, потоа во реализацијата на проектот, недоволно ангажирани човечки и технички капацитети, нецелосна поддршка од Министерството за финансии при одобрување на планирани и проектирани средства, недоследности во изведбата потврдени од надзорот и тн. (М.Ј.)