Од 1 декември не смее да има пластични ќеси во Маврово, Пелистер, Шар Планина
Неодамна во Собранието се донесени преостанатите четири закони од областа за управување со отпад – Законот за управување со отпад, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад.
Со претходно донесените Закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, се обезбедуваат сите предуслови за еден модерен функционален систем за управување со отпад кој конечно ќе биде имплементиран соодветно и во пракса во нашата земја.
„Целта ни беше да создадеме систем кој ќе ги опфати потребите на сите, и истовремено ќе ги опфати високите стандарди за заштита на животната средина. Северна Македонија веќе го чекори патот кон поодржлив пристап кон управувањето со отпад и секундарните суровини и ресурси“, рече премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Со законската основа, вели тој, сега е обезбедено целосно спроведување на Националниот план за управување со отпад 2021-2031. Овој план, надоврзан на квалитетната законска рамка го дефинира управувањето со отпад и користењето на ресурси за истиот.
„Целта на донесената легислатива и на Планот е да се развијат и спроведат современи системи за собирање и третман на отпадот во согласност со хиерархијата за отпад. Ги создадовме со намера да се постигне еколошка безбедност, преработка, отстранување на отпадот со економски придобивки, а на начин кој е најдобро приспособен на состојбите во нашата земја“, рече Заев.
Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, потребно е да ги примени сите европски стандарди и најдобри практики, како и да се усогласи со европското законодавство и во оваа област на управување со отпад.
Министерството за животна средина, според министерот Насер Нуредини, изминатите две години работеше на реформа на законодавството во областа на управување со отпад, со што конечно се донесоа шесте закони насочени кон циркуларна економија, селекција и управување со отпад.
„Клучна компонента е новата хиерархија на отпадот, со што се зголемува ефикасноста во управувањето со отпадот. Приоритет, тука ќе има намалувањето на отпадот и негово користење за енергија, а последно е неговото депонирање“, појасни Нуредини.
Втората или проширена одговорност, нагласи Нуредини, е насочена кон производителите на отпад, што подразбира дека за секое правно лице што прво пушта одреден продукт на пазарот, предвидени се финансиски обврски и наплата за третман на нивните производи со секторот на рециклирање.
„Она со што граѓаните најмногу се соочуваат на секојдневно ниво, е пластичното пакување. Покрај построгата регулација на дизајнот на пластичните пакување согласно ЕУ, предвидовме и забрана на пластични кеси, кое ќе стапи на сила од 1 декември и дозволена продажба само на биоразградливи кеси за кои се наплатува надоместок од 15 денари за специјален фонд за животна средина“, изјави Нуредини.
Идејата, како што појасни во одговор на новинарско прашање, е од 1 декември да не употребиме пластика за еднократна употреба во угостителство во заштитени зони – тоа значи Пелисер, Маврово, Шар Планина, итн.
Одговарајќи на новинарско прашање, Нуредини нагласи дека идејата е како Влада да ги поддржат општините и да создадат инфраструктура за менаџирање на отпадот.
„Идејата за цената на пластичните кеси е за да се намали употребата на пластиката. Фондот што ќе се создаде од овие 15 денари за секое купување пластично кесе ќе отиде на посебен фонд којшто ќе се инвестира во животната средина, но и ќе се инвестира во совеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава. Идејата е тој што загадува тој и да плати, и на тој начин производителите коишто ќе донесат производи во нашата држава треба да контрибуираат и во тоа и со ова ќе се натера да придонесат за инфраструктурата со различни контејнери во нашата држава каде што ние како граѓани ќе ги селектираме отпадите и со ова ќе креираме систем којшто самите граѓани ќе го селектираат отпадот“, појасни Нуредини.