Обвинителот Коцевски ги чека од Тошковски 500-те лажни сертификати за англиски јазик
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители во врска со острите забелешки на премиерот Христијан Мицкоски искажани вчера во Собранието истакна дека тој ќе продолжи да работи професионално и согласно законите.
„Јас ќе продолжам да работам најпрофесионално, законито и чесно и сѐ што е во мојата надлежност, што значи дека останатите политички изјави не можам да ги коментирам. Доколку евентуално имам сторено некаква грешка условите се согласно Законот за јавно обвинителство за евентуално разрешување на јавниот обвинител“, одговори Коцевски на прашањето дали очекува смена, со оглед на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека го имаат потребното мнозинство, но и дека дава шанса на сите да докажат дека ја работат својата работа.
Коцевски денеска се осврна и на критиките за работата на правосудниот систем, упатени од премиерот, кој пред два дена изјави дека секогаш кога треба да се имплементира правдата, некој добива дијареа, температура или анксиозност и најави „робусна акција“ за справување со корумпираните обвинители и судии.
Државниот обвинител рече дека ова се однесувало на еден случај од пред дваесетина дена, кога, според тоа што го соопштиле тогаш обвинителите се работело за вирус, односно здравствен проблем. Рече дека предметниот обвинител имал вирус и не можел да дојде на закажаниот состанок, тој се одложил за три до пет дена, а потоа присуствувал и од тогаш до денеска се одржале неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети.
Тој не сакаше да каже за кој предмет станува збор, но рече дека се работи за предмет во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје. На прашањето за коj обвинител станува збор рече: „се работи за обвинителот што работеше конкретно на предметот и сѐ уште е со предметот и има координација со полицијата неколку пати од тогаш до денес“.
Коцевски изјави дека Обвинителството ќе преземе сѐ што треба, кога до него ќе дојдат процесирани случаи и потсети на изјавата на министерот Панче Тошковски дека ќе бидат проверени 500 поранешни и сегашни функционери за коишто постојат индиции дека приложиле лажни сертификати по англиски јазик.
„Ако се сеќавате на настан, кој го организираше ЗНМ, министерот за внатрешни работи кажа дека има околу 500 фалсификати, што значи тој ја знаеше и бројката, а најверојатно знаел и кои се лицата. Според тоа, МВР сега е на потег. Овде не може да се постапува по допрен глас, затоа што тие ги имаат конкретните лица. Така што, доколку има навистина 500-тина чекаме да се процесуираат и Обвинителството ќе преземе сѐ што треба“, рече Коцевски.
Во однос на изборот на новиот УО на Академијата за судиии, дали процесот може да се забрза и дали според него изборот на директорот е статутарен, рече дека од денеска Академијата има нов УО и тој таму номинирал јавен обвинител согласно Законот за јавно обвинителство.