Зошто уште нема отчет за Давид Гета, ни за прославата, праша Оливер Спасовски во Собранието
Владата уште нема податоци за поединечните трошоци. Заменик-министерот за финансии ја упати опозицијата да се обрати до „надлежните органи“
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска во Собранието праша зошто и две недели по завршувањето на настаните за одбележување 35 години независност на Македонија, јавноста не знае за колку пари настапувале Давид Гета и другите изведувачи. И како бил поделени поединечните суми што ги добил секој изведувач од вкупно 5,53 милиони евра обезбедени од Државна лотарија и општествено одговорни фирми.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски не даде никаков конкретен одговор освен дека „Владата е горда што организирала достоинствено одбележување на независноста“, а тоа „на опозицијата ѝ бодело очи“.
„Потрошени се големи суми народни пари, прашањата се од голем јавен интерес, во однос на прославата на 35 години независност. Не беа транспарентно изнесени постапките што биле спроведени, па дозволивме овој јубилеј да се извалка и оцрни. Не мислам само на навредите што ги упатија премиерот, министрите и партијата за ‘талог’ и за ‘елита наспроти сите останати’. Пред целата јавност премиерот Мицкоски изјави дека за прославата на независноста се потрошени нула денари. Кога се објавија наредниот ден одредени документи и суми, рекоа дека не било нула денари туку 5,53 потрошени милиони евра, ама не биле буџетски туку пари од Лотарија на Македонија. Притоа 300 милиони денари се од Лотарија, а 40 милиони денари од општествено одговорни компании“, рече Спасовски.
Тој бараше транспарентност и рече дека ако сите податоци бидат изнесени јавно, транспарентно и потврдени со документи можеби и ќе се расчистат работите и нема да се нагаѓа во јавноста како што рече „дали биле тоа провизии, дали биле потрошени наменски пари“.
„Владата со заклучок од 167 седница ѝ укажала на Државна лотарија да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка од 2024 година и да објави јавен повик за реализација на настаните. Но владиниот заклучок со укажување, сам по себе не претставува никаква одлука. Кој предложил користење на добивката, кој ја утврдил намената, кој е овластен тоа да го направи, да ги видиме датумите кога е носена таа одлука? Понатаму, имало јавен повик за избор на организатор со рок од само пет дена и една пристигната понуда. Повикот завршува на 8 мај, а веќе на 12 мај се известува јавноста дека Давид Гета ќе биде на настанот во Македонија. Видете, за четири дена не можете министер да доведете во Собрание да одговара на пратенички прашања, а не Давид Гета да го организирате да биде на настан. Сега да го организирате, за наредната година, прашање е дали ќе биде во можност да дојде“, рече Спасовски.
Спасовски побара да се утврди точната финансиска услуга на „Стардаст“ и на „Авалон“ со оглед дека „Авалон“е фирма со блокирана сметка.
Тој постави прашање дали е одржана седница на Собранието на акционери на АД Државна Лотарија на која е одобрено користењето на 300 милиони денари од нераспределената добивка за финансирање на прославата на 35-годишнината? Ако е одржано Собранието, кога е одржано, дали е донесена одлука за распределба и сите детали што се во однос на распределбата на добивката. Потоа, дали се пресметани и платени сите даноци поврзани со организацијата и реализацијата на прославата и колкав е нивниот износ
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, на ова одговори:
„Очигледно еден од најдобро организираните настани кои ја одбележаа 35-годишнината од независноста на Република Македонија ви боде очи и се бараат начини зошто овие настани во поголемите градови беа толку масовно посетени, зошто имаше толку позитивен интерес од јавноста, како државата успешно тоа го организираше“.
Тој рече дека имало одговор од менаџментот од Државна лотарија каде директорот одговори на сите поставени прашања. А ако опозицијата не била задоволна да се обрати до „надлежните органи“.
Спасовски му одговори на заменик министерот дека според членот 38 од Законот за трговски друштва, распределбата на добивката мора да се врши врз основа на одлука на Собранието на друштвото, на предлог на Управниот одбор на друштвото – а во согласност со годишната сметка на друштвото.