Објавено е видео од моментот на бруталниот руски напад врз Киев. Расте бројот на загинати


Во текот на ноќта, Русија изврши еден од најжестоките напади врз Украина од почетокот на војната, објавија украинските власти. Според податоците на воздухопловните сили, вкупно се испукани 629 ракети и дронови – од кои 598 беа дронови и 31 ракети – на 13 локации низ земјата.

Киев беше меѓу целите, а властите го опишаа нападот врз главниот град како „масовен“. Војската тврди дека се соборени 563 дронови и 26 ракети, додека остатоци паднале на 26 различни локации.

Бројот на загинати се зголемува, досега има 18, од кои четири се деца, а едно од нив имало две години.
Видео од моментот на рускиот напад врз Киев се шири на социјалните мрежи.

Русија објави дека воени локации и воздухопловни бази биле цел на големиот ноќен напад врз Украина.

Руското Министерство за одбрана тврди дека целите се исклучиво воени и дека е извршен „групен напад“ со хиперсонични ракети и беспилотни летала. Тие додадоа дека ги погодиле сите цели што ги планирале.