Објавена новата просечна плата во Хрватска

Просечната месечна нето-плата по вработен во правните лица за декември 2024 година изнесува 1.361 евро, а средната 1.156 евра, објави денеска хрватскиот Централен завод за статистика, чии податоци исто така покажуваат дека околу две третини од платите се потпросечни, јави Хина.
Просечната плата за декември е номинално пониска за 0,4, а реално за 0,5 отсто во однос на ноември, а номинално повисока за 14,3 и реално за 10,5 отсто во однос на платата за декември 2023 година. Просечната нето плата за декември е за 0,5 отсто пониска од ноември, а за 15 отсто повисока од истиот месец лани.
Највисока просечна исплатена нето-плата по вработен во правните лица за декември 2024 година е исплатена во производството на рафинирани нафтени деривати, 2.562 евра, а најниска во производството на облека, 846 евра.
Гледајќи ја целата минатата година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во правните лица во Република Хрватска изнесува 1.318 евра, што е за 14,8 отсто повеќе номинално и за 11,5 отсто повеќе реално од 2023 година.
Нешто помалку од две третини од вработените имале плата под просекот, а околу една третина над, според распределбата по децили.
Имено, десет отсто од вработените земале плата за декември до 747 евра, 20 отсто до 821 евро, а 30 отсто од вработените до 917 евра. Платата за 40 отсто од вработените во правните лица била и до 1.026 евра.
Потоа следува просечна плата од 1.156 евра, што значи дека половина од вработените имале плата под, половина над просечната.
Платата на 60 отсто од вработените за декември изнесувала и до 1.308 евра, што е сепак помалку од просекот, а само седмата децила, која претставува 70 отсто од вработените, е над просекот и изнесува 1.488 евра.