Објавен превод на „Безбедна куќа“ од Марина Вујчиќ – роман за (не)видливото насилство врз жената
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ ја објави книгата „Безбедна куќа“ (Sigurna kuća) од хрватската писателка и драмска авторка Марина Вујчиќ, во превод на македонски на Владимир Јанковски. „Антолог“ соопшти дека се работи за „потресен и храбар роман за семејното насилство, психолошката манипулација и долгогодишното тивко исчезнување на една жена во сопствениот живот“.
Романот е приказна за Лада Лончар, која завршува во затвор откако со нож го убила сопругот, угледен универзитетски професор, кој за соседите, пријателите и семејството бил пристоен, шармантен и образован човек, за кого никој не би поверувал дека може да биде насилен.
– Но, Лада ја знае другата страна од приказната. Во затворот почнува да се навраќа на својот живот и на патот што ја довел до критичниот момент. На почетокот постоела љубов, потоа брак, а постепено – контрола, изолација, понижување, страв и насилство. Малку по малку, Лада престанува да биде она што била. Се откажува од пријателките, од кариерата, од сопствените желби, па дури и од своето право да зборува во прво лице за сопствениот живот. И токму тоа е една од најсилните страни на романот на Вујчиќ: насилството не започнува со удар. Често започнува многу порано – со контрола, со манипулација, со изолирање, со постојано поместување на границите и со убедување на жртвата дека самата е виновна, наведува издавачката куќа.
Како што додава „Антолог“ – „Безбедна куќа“ не е класична криминалистичка приказна за жена која го убила својот сопруг, туку „романот го врти вообичаениот поглед и го поставува прашањето: што мора да се случи една жена да стигне до точката од која повеќе не гледа друг излез?“
– Авторката намерно избира ситуација која во јавноста предизвикува спротивни реакции од оние што најчесто ги следат случаите на фемициди. Во романот жената преживува долгогодишно насилство и во самоодбрана го убива насилникот. Преку оваа инверзија Вујчиќ го преиспитува начинот на кој општеството им верува на жртвите и начинот на кој, многу често, бара оправдувања за него. Романот е напишан без патетика и без поделби на добри и лоши. Со внимателен и прецизен стил, Вујчиќ ја следи постепената трансформација на една жена, но истовремено го отвора и прашањето за одговорноста на околината. Романот покажува колку често насилството може да биде видливо, а сепак да остане непрепознаено, додава „Антолог“ за новото издание.
Авторката го пишувала романот речиси четири години, при што истражувала женски затвори, законски процедури, постапки при семејно насилство, системот на социјална заштита, т.н. безбедни куќи и психијатриските вештачења, но особено внимателно ги слушала сведоштвата на жени кои преживеале семејно насилство.
Марина Вујчиќ (1966, Трогир) дипломирала кроатистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Двократна добитничка е на наградата „Марин Држиќ“ за најдобра драма, како и на многубројни награди за своите прозни дела. Многу години била соработничка на театарот „Улис“. Во 2021 година за романот „Педесет цигари за Елена“ ја добила наградата BOOKtiga за најчитана книга во истарските книжарници. Од 2015 година е членка на Хрватското друштво на писатели.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на министерствата за култура Хрватска и на Македонија.