„Резонантна Земја: Ритуален колектив – Скопје II“ вечерва во Сули Ан
Во Сули Ан вечерва ќе се одржи концертот „Резонантна Земја: Ритуален колектив – Скопје II“, ново поглавје од меѓународниот проект на македонскиот музичар и композитор Јордан Костов, кој веќе е реализиран или е најавен во повеќе европски и азиски градови.
На концертот ќе настапат дваесетина музичари од домашната музичка сцена, заедно со Јасер Бајат, музичар на сетар и кеманче од Иран и Карло Масколо, тромбонист од Италија.
Како што најавуваат организаторите, проектот е ослободен од конвенционалните жанровски и формални рамки, а музиката се развива преку хибридна партитура, диригентски знаци, резонанца, тишина, динамика и контролирана слобода.
Во просторот на Сули Ан ќе биде создадена кружна звучна форма во која архитектурата и природната акустика на објектот ќе станат составен дел од композицијата, додека концертот ќе биде дополнет со театар на сенки и апстрактни визуелни интервенции.
Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба на авторските плакати што го следат проектот „Резонантна Земја“ во различни градови и земји.
Според организаторите, „Резонантна Земја: Ритуален колектив – Скопје II“ е замислен како повеќеслојно уметничко доживување што ги поврзува музиката, просторот, визуелната уметност и театарот, а се реализира по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.
Во изминатиот период проектот беше претставен во повеќе европски центри, а за 2027 година се најавени настапи во Бразил, Европа, Индија, Африка и Азија.