Дарко Марковиќ- човекот што ми ја отвори вратата кон детскиот свет


Во Кинотеката синоќа со ретроспектива со десет негови кратки анимации, се одржа филмска вечер посветена на Дарко Марковиќ, по повод десет години од неговото заминување.

 

За неговото творештво и влијанието врз поновата македонска аниматорска сцена говореа: Саша Станишиќ Иван Ивановски и Јане Алтипармаков.

Средбата отвори простор за потсетување на неговиот авторски придонес и на местото на анимацијата во македонската филмска историја.

Десет години од смртта на Дар – Мар: Ретроспектива со десет негови кратки анимации во Кинотека

Со ваквите вечери го чуваме и го доближуваме националното филмско наследство до публиката, потсетувајќи на авторите чии дела имаат трајно место во македонската културна меморија, велат од Кинотека.

На вечерта присуствуваше и нашиот пејач Џина Папас Џокси, кој сподели емотивен ФБ пост кој го објавуваме во целост: 

„Десет години без Дар-Мар.



Постојат луѓе кои поминуваат низ нашиот живот, а постојат и такви кои, без многу зборови, му го менуваат правецот. Дарко Марковиќ за мене беше еден од тие луѓе.



Човек со несекојдневна имагинација, остар ум, препознатлив хумор и храброст да размислува поинаку. Човек кој не се плашеше од нови идеи, дури и тогаш кога тие не се вклопуваа во замислите на другите.



Нашите творечки патишта се вкрстија уште во времето на Телевизија Скопје, кога Дарко ја уредуваше културно-уметничката програма.



Во тој период, со групата „Макакус“, го снимавме спотот за песната „Сладолед за чавки“, на покривот на Градскиот трговски центар во Скопје.



Од тоа снимање ми останаа живи спомени, особено моите гимнастички акробации, салта и премети наназад, кои денес ги паметам со насмевка. За жал, снимката не е сочувана, но спомените останаа.



Подоцна, животот го однесе Дарко по други патишта. Неговата телевизиска приказна беше исполнета и со професионални судири, забрани и заминувања, но неговата творечка енергија никогаш не престана да бара нов простор.



Вистинската пресвртница во нашиот однос дојде многу подоцна, кога Дарко стана првиот директор на новоформираната Телевизија Телма.



Имаше визија за телевизија која нема само да емитува програма, туку и самата ќе создава оригинални содржини, ќе открива луѓе и ќе им дава можност на новите идеи.



Преку неговата ќерка, со која бев пријател, добив покана да дојдам на разговор.



Не знаев дека тој разговор ќе отвори едно сосема ново поглавје во мојот живот.



Дарко не беше човек кој лесно се задоволуваше со туѓи уверувања. Сакаше самиот да види што знаеш, што можеш и колку си подготвен да ја претвориш идејата во дело.



Ми постави навидум едноставна задача:

„Направи една новогодишна емисија.“



Тоа беше неговиот начин да ме провери. Без големи ветувања, без однапред поделени улоги. Само предизвик и слобода да покажам што умеам.



Емисијата траеше 61 минута. Ја снимивме за десет часа, а ја монтиравме во три термини по три часа.



И дојде денот кога Дарко требаше да го погледне сработеното.



Во просторијата, покрај него, беа и Емилија Гелева, уредник на информативната редакција, и Џон Илија Апелгрин, како техничко лице.



Дарко седна пред телевизорот.



Шеесет и една минута не се помести. Без прекинување, без коментар, речиси без да трепне.



А јас? Јас повеќе го гледав него отколку сопствената емисија. Се обидував од неговото лице да прочитам дали сум го положил испитот.



Кога заврши емисијата, следуваше разговор што и денес го паметам како да се случил вчера.



Дарко: „Одлично, мене ми се допаѓа. Џони?“

Џони: „И мене ми се допаѓа.“

Дарко: „Емилија?“

Емилија: „Мене не, сепак ние не сме детска телевизија.“

Дарко: „Добро. Тогаш сме 2:1. Од утре си на работа, само прашај ја жена ти, дали сакаш да си дел од екипата или надворешен соработник.“



И толку.



Без долги состаноци, без бескрајни објаснувања.



Со едно гласање од 2:1, Дарко ми отвори врата кон еден свет за кој тогаш не ни претпоставував колку ќе ми значи.



Светот на децата.



Така, речиси незабележливо, Дарко Марковиќ ме втурна во детскиот свет многу подлабоко отколку што и самиот можев да замислам.



Во свет во кој не е доволно само да пееш, да раскажуваш или да забавуваш. Во свет во кој мораш да ја зачуваш искреноста, да ја разбереш детската фантазија и да научиш дека најмалата публика е истовремено и најискрената и најстрогата.



Со годините сфатив дека тој предизвик не беше само професионална можност. Беше подарок.



Дарко не ми даде само простор на телевизискиот екран. Ми помогна да откријам еден дел од себе за кој дотогаш не знаев колку длабоко постои.



И денес, десет години по неговото заминување, кога ќе се навратам на тие времиња, не ги паметам само емисиите, камерите, студијата и снимањата.



Го паметам човекот.



Неговата мисла. Неговата луцидност. Неговата непокорност. И неговата способност да препознае нешто во човекот пред самиот тој да стане свесен за тоа.



Дарко, тогаш гласавте 2:1 за мене. Денес, по толку години, знам дека со тие два гласа не добив само работа. Добив еден цел свет.



Ти благодарам што виде во мене нешто што јас сè уште не го бев открил.



Некои луѓе заминуваат, но вратите што ни ги отвориле остануваат отворени засекогаш.



Почивај во мир, Дар-Мар.



21 ноември 2026 година – десет години од заминувањето на Дарко Марковиќ“.