Изложба од Родољуб Анастасов за 35-годишнината од независноста во КИЦ Белград
По повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија, вечер во 20 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Белград, ќе биде отворена изложбата „Визии – Глава полна со луѓе“ на истакнатиот македонски уметник Родољуб Анастасов. Со пригодни обраќања, изложбата ќе ја отворат македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчески, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров и кустосот-советник Јасминка Намичева.
– На изложбата ќе бидат претставени дела, преку кои се проследува значаен творечки и духовен пресврт во опусот на Анастасов. Поставката ги поврзува циклусите „Човек и простор!?“ и „Визии – Глава полна со луѓе“, дополнети со последната композиција од претходниот циклус, портретите на неговата сопруга Јустина и автопортретите на уметникот. На тој начин изложбата го открива преминот од истражувањето на човекот во колективниот урбан простор кон интимниот свет на личната меморија – информира Македонскиот културно-информативен центар во Белград.
Цртежите од циклусот „Визии – Глава полна со луѓе“, создадени во периодот од 2016 до 2022 година, претставуваат еден од најинтимните и најуниверзални сегменти од творештвото на Анастасов. Наместо безимените множества од неговите претходни дела, во средиштето се појавуваат лица – блиски луѓе, пријатели, историски личности и фигури од детството и имагинацијата, сочувани како трајни отпечатоци во свеста на авторот.
Важна пресвртница претставува 2008 година, кога, по сериозните животни искушенија и смртта на неговата сопруга Јустина, фокусот на уметникот постепено се поместува од надворешниот свет кон просторот на сеќавањето. Последната композиција од циклусот „Човек и простор!?“ станува симболичен праг меѓу двете творечки целини, додека портретите на Јустина и автопортретите отвораат теми за љубовта, загубата, идентитетот и внатрешниот дијалог.„Глава полна со луѓе“ претставува своевиден театар на сеќавањето во кој портретот ја надминува својата вообичаена претставувачка функција и станува простор на интроспекција. Лицата не раскажуваат конкретни биографии, туку сведочат за средбите, љубовите, загубите и пријателствата што го обликуваат човечкиот идентитет. Преку тивката полифонија од погледи, Анастасов создава длабоко лично, но истовремено и општочовечко дело – визуелна медитација за присуството на Другиот во нас и за способноста на уметноста да му се спротивстави на заборавот.
Изложбата е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а авторка на изложбата е Јасминка Намичева, кустос-советник. Проектот се реализира во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Белград и Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград, со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Изложбата ќе биде поставена во Белград до 30 септември.