„Уна“ ќе ја подигне завесата на 34.издание на ФКТ „Ристо Шишков“
Претставата „Уна“ на Театарот „Звездара“ од Белград, Србија, вечер ќе ја крене завесата на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, што се одржува во Струмица од 8 до 13 овој месец.
Ова беше кажано на денешната прес-конференција, на која новинарите беа информирани дека во конкуренција за единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“, кое се состои од златен медалјон, плакета и парична награда во износ од 1.500 евра, се десет претстави од Македонија, Србија и Бугарија.
Според директорот на Фестивалот, Ванчо Ристов Патриков, годинашново издание ја продолжува една од најзначајните и најдолговечни фестивалски приказни на македонскиот театар.
-34 години „Ристо Шишков“ се 34 години посветеност кон театарската уметност, кон актерот, кон сцената и кон публиката. За нас овој фестивал не е само дел од културниот календар на Струмица. Тоа е дел од идентитетот на градот и на македонската театарска култура. Името на Ристо Шишков, што со голема чест го носи Фестивалот, ни е и голема одговорност, рече Ристов Патриков.
Според селекторот на ФКТ „Ристо Шишков“, Љупчо Ѓоргиевски, апсурдот се наметнал како заеднички именител на повеќето претстави кои се занимаваат со човековото битисување денеска.
-Во нашето секојдневие се почесто се судираме со низа апсурдни ситуации кои животот го прават конфузен и без јасна цел. На наше задоволство оваа година во програмата се вклучени и три претстави градени врз текстови од македонски автори од три различни периоди. Тргнувајќи од Ристо Крле кој помеѓу двете светски војни, уште пред „Процес“ на Кафка, ни ја раскажа апсурдната приказна за родителите кои за пари го убиваат својот син, преку Коле Чашуле кој во средиштето на „Црила“ го става човекот што си го убива својот идеал за кој живеел, до Драгана Лукан која во „Анна“ ни прикажува како обидот на една жена да зачекори во светот на женската слободата станува нејзино ропство. Во естетска смисла овие претстави го одразуваат и современиот пристап кон промислата наречена театар во сите негови сегменти, а пред се во сегментот кој е главен крвоток на театарот – актерството, рече Ѓоргиевски.
Претставникот на Општина Струмица, Таше Пефќев, истакна дека за локалната самоуправа овој фестивал не е само дел од културниот календар, туку дел од културниот идентитет, кој повеќе од три децении создава простор за средба на уметници, размена на идеи и, најважно, непосредна средба со публиката.
Жири комисијата која ќе ја оценува актерската игра е во состав: Билјана Драгичевиќ Пројковска, ланска добитичка на наградата „Ристо Шишков“, Билјана Ѓуровиќ и Иван Додовски.
Фестивалот е финансиски помогнат од Министерството за култура и туризам и Општина Струмица.