Објавен извештајот за глобалните ризици пред Светскиот економски форум
Геоекономските конфликти, кои вклучуваат мерки што се движат од санкции до царини, претставуваат најголема закана, според Извештајот за глобални ризици на Светскиот економски форум (СЕФ), објавен пред неговиот годишен состанок што ќе ја собере светската бизнис и политичка елита во Давос следната недела.

Ескалацијата на економската конфронтација меѓу големите сили сега се смета за најголема закана за глобалната стабилност годинава, соопшти Светскиот економски форум во својот Извештај за глобалните ризици за 2026 година.
Геоекономската конфронтација што вклучува употреба на алатки како што се санкции и царини е рангирана пред дезинформациите и лажните вести, социјалната поларизација, екстремните временски настани и вооружениот конфликт меѓу државите како најголем глобален ризик за 2026 година.
Годишниот извештај се базира на ставовите на повеќе од 1.300 лидери и експерти од областа на бизнисот, академијата, граѓанското општество и владините институции.
Според наодите од извештајот, половина од испитаниците очекуваат турбулентен или „бурен“ свет во следните две години, што е значително зголемување во споредба со минатогодишните 36%.
Дополнителни 40% од испитаниците веруваат дека глобалната ситуација во тој период ќе биде, во најдобар случај, нестабилна, додека само 9% предвидуваат стабилност, а само 1% очекуваат работите да се смират. Прогнозите за следната деценија се уште помрачни, бидејќи повеќето учесници предвидуваат долгорочна глобална нестабилност.
Извештајот беше објавен неколку дена пред годишниот состанок на СЕФ во Давос, каде што управувањето со геополитичките и економските ризици, заедно со одговорната примена на технологии како што е генеративната вештачка интелигенција, ќе бидат меѓу главните теми.
„Извештајот за глобалните ризици служи како систем за рано предупредување во време на зголемена конкуренција, која ги множи глобалните ризици, од геоекономски конфликти до неконтролиран технолошки развој, до зголемување на задолженоста и менување на нашата колективна способност да се справиме со нив“, рече извршната директорка на СЕФ, Садија Захиди.
„Сепак, ниту еден од овие ризици не е однапред одреден“, додаде таа.
Геоекономските конфликти се на врвот на листата на краткорочни ризици во извештајот на СЕФ, при што 18% од испитаниците ја наведуваат оваа закана како најверојатен предизвикувач за глобална криза во 2026 година.
Овој ризик е рангиран на прво место и по сериозност во следните две години, скокнувајќи за 8 места во однос на минатата година. Вооружените конфликти меѓу државите се на второ место за 2026 година, но паѓаат на петтото место во двегодишната прогноза.
Во клима на растечки соперништва и долготрајни конфликти, геоекономските конфликти ги загрозуваат синџирите на снабдување, стабилноста на глобалната економија и капацитетот за меѓународна соработка потребна за одговор на економските шокови, предупредува СЕФ.
Наодите доаѓаат по една година во која американскиот претседател Доналд Трамп ја потресе глобалната трговија со промена на трговската политика на Вашингтон и воведување царини.
Двоцифрените царини за увоз од речиси секоја земја ја нарушија глобалната трговија и ставија дополнителен товар врз буџетите на потрошувачите и компаниите ширум светот.


На геополитички фронт, 68% од испитаниците очекуваат следната деценија да биде обележана со „мултиполарен или фрагментиран поредок“, што е мало зголемување во споредба со резултатите од 2025 година.
Економските ризици забележаа најголемо вкупно зголемување во двегодишната прогноза. Ризиците од економска рецесија и инфлација скокнаа за 8 места, на 11-то односно 21-во место, додека заканата од пукање на финансиските меури се искачи за 7 места, на 18-то место.
СЕФ предупредува дека растечката задолженост и потенцијалните балони на пазарот на средства, дополнително влошени од геоекономските тензии, би можеле да предизвикаат нова фаза на нестабилност на глобалниот пазар.
Дезинформациите и лажните вести се рангираа на второ место меѓу глобалните ризици во двегодишната прогноза, додека сајбер-безбедноста беше на шесто место.
Негативните последици од вештачката интелигенција забележаа најголем скок во извештајот на СЕФ, од 30-то место во двегодишната перспектива на 5-то место во десетгодишната прогноза, што одразува растечка загриженост за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот, општеството и безбедноста.
Социјалната поларизација беше оценета како четврта најголема закана оваа година и трета најважна во прогнозата до 2028 година.
Нееднаквоста го задржа 7. место и во двегодишните и во десетгодишните перспективи, а втора година по ред беше идентификувана како најрелевантен глобален ризик.
Бидејќи краткорочните грижи ги истиснуваат долгорочните цели, еколошките ризици паднаа на листата на приоритети во двегодишната прогноза. Екстремните временски настани паднаа од второ на четврто место, загадувањето од шесто на деветто, додека критичните промени во Земјините системи и загубата на биодиверзитет паднаа за седум и пет места, соодветно.


Сепак, во десетгодишна перспектива, еколошките ризици сè уште се сметаат за најсериозни, при што екстремните временски настани, загубата на биолошката разновидност и критичните промени во функционирањето на Земјините системи се на врвот на листата.
Дури три четвртини од испитаниците очекуваат бурен или исклучително неповолен развој на околината, што претставува најнегативна прогноза меѓу сите категории на ризик.
Захиди истакна дека Извештајот за глобалните ризици, кој се објавува 21 година по ред, јасно покажува дека „соработката е неопходна во управувањето со глобалните ризици“.
„Предизвиците истакнати во овој извештај, од геополитичките превирања и забрзувањето на технолошките промени, до климатската нестабилност и социјалните тензии, до економските ризици, укажуваат и на обемот на потенцијалните опасности со кои се соочуваме и на нашата заедничка одговорност да го обликуваме она што следи“, рече таа.