Колку големи и сјајни инвестиции ќе плати народот?


Пет големи инвестиции во Македонија, со најави за вложување на милионски суми, вработување на стотици лица и ветувања за посветла иднина сега се прпелкаат низ адвокатски роковници и арбитражни лавиринти. Колку тие ќе ги чинат даночните обврзници, од Владата велат дека е неблагодарно да се проценува, зашто се наоѓаат во иницијална фаза.

„Како резултат на несовесно и неодговорно работење на владите во минатото и склучување на договори кои потенцијално би можеле да имаат финансиска штета врз нашата држава, во периодот по 2017 година, покренати се пет инвестициски арбитражни постапки од страна на компании или физички лица. Две од нив се пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (International Centre for Settlement of Investment Disputes – ICSID), други две се пред ад хок арбитража согласно со арбитражните правила на UNCITRAL и една е пред Меѓународниот арбитражен суд при Меѓународната стопанска комора во Париз. Секоја од нив е во различна фаза, зависно од времето на поведување“, посочуваат од Владата.

Последна во низата е арбитражната постапка покрената од инвеститорите во одземената концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локацијата Казандол во општина Валандово. Неа ја потпишале: Артем Скубенко, Валентин Дрожденко, Анатолиј Семинога, Игор Переверзев, Артем Кадомски, Игор Компанец, Серги Надјеждин и Володемир Скубенко. Тие се дел од Одборот на директори на компанијата „Сардич“, која доби концесија за експлоатација на минерални суровини во јули 2015 година, и покрај големото негодување од јавноста и граѓаните што живеат во Валандово и регионот. Поврзан со оваа странска инвестиција беше и ексамбасадорот на Македонија во Украина, Аце Спасеноски, претходно и министер за земјоделство во една од владите на Никола Груевски.

Ветувањето беше дека во експлоатацијата на бакар, сребро и злато, британско-украинската компанија ќе инвестира 250 милиони евра и ќе вработи 250 луѓе. Приказната заврши минатата година во март, кога Владата еднострано го раскина договорот со „Сардич“, бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската во рок од две години од денот на доделување на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда. Инвеститорот претходно се закани со судска постапка за штетата што ја проценил на 380 милиони евра.

„И грчката компанија ‘ELPET Balkaniki SA’, која е сопственик на рафинеријата ОКТА, покрена постапка за непочитување на договорот склучен 1999 година, со кој е продадена рафинеријата, а со кој државата се обврзува на годишно ниво од рафинеријата ОКТА да набавува одредени количини мазут. Арбитражата се однесува на непочитување на договорот за набавка на мазут до 2013 година. Претходно веќе еднаш оваа компанија имаше покренато арбитража за истото прашање, пред Арбитражниот суд при Меѓународната трговска комора во Париз и оваа постапка е завршена со донесување одлука за исплата на надомест на штета кон грчката страна, што е реализирано согласно со порамнувањето од 31.12.2007 година“, велат од Владата.

Договорот со кој Македонија мораше годишно да купува 500 илјади тони мазут беше потпишан во време на владата на Љупчо Георгиевски. Со првата тужба, грчката страна доби 40 милиони долари отштета. Сега побарува 32 милиони долари.

Во третиот случај, компанијата „Кунико ресурсис“, која управуваше со металуршкиот комбинат „Фени индустри“ од 2004, има покренато инвестициска арбитражна постапка. Нема податоци за износот на тужбата.

„Арбитражна постапка е покрената и од словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев, за наводно нефер и нееднаков третман во постапката за продажба на рудникот за олово и цинк ‘Саса’ од Македонска Каменица во 2004 година, што е дел од тогаш водената стечајна постапка за овој рудник. Откако ги изгубил сите спорови пред судовите во Македонија, сега Тасев покренува инвестициска арбитража за истите настани“, укажуваат од Владата.

Арбитражна постапка покренале и индиските државјани Гокул Дас Бинани и Маду Бинани, сопственици на компанијата „Индоминерали“, за поведена стечајна постапка и одземена концесија на рудниците за олово и цинк „Злетово и Тораница“, во 2015 година.

„Потребно е јавноста да знае дека сите покренати арбитражни постапки се последица на несоодветни одлуки, неквалитетно подготвени и штетни договори и неодговорно однесување на владите во минатото“, тврди Владата.

Формирано е посебно Координативно тело за арбитражни постапки во кое редовни членови се вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за финансии Драган Тевдовски и државниот правобранител Фахми Стафа, а по укажана потреба се консултираат и професионалци од правната струка и други стручни лица.

На случаите работат „реномирани, светски познати адвокатски куќи, со исклучително позитивно искуство во решавање на арбитражни постапки, кои се високо рангирани на ‘Глобал арбитрејшн ревју’ 2019, најкредибилната асоцијација во светот за оценување и рангирање на меѓународните адвокатски куќи за нивниот успех во арбитражни постапки“, велат од Владата, додавајќи дека за различни спорови се ангажирани адвокатските фирми „White&Case“, „Orrick, Herrington&Sutcliffe“ и „McDermott Will&Emery“.

 

Влада: Во арбитражите е можен позитивен епилог

Меѓународните инвестициски арбитражни постапки траат подолго од трговските арбитражи, поради спецификите на материјата која се расправа пред нив, објаснуваат владини извори, илустрирајќи дека случајот покренат од „Свислајон“ траеше 3 години, од 2009 до 2012 година. Случајот што го покрена „Гардијан фадушиари траст“ против нашата држава во 2012 година траеше исто така 3 години.

„Владата е цврсто уверена дека во арбитражни постапки е можен позитивен епилог за земјата, па сепак, бидејќи станува збор за постапки кои се во иницијална фаза, неблагодарно е да се претпостави крајниот резултат, како и дали од некоја од постапките ќе произлезат финансиски обврски за Северна Македонија. Владата, заедно со меѓународните правни застапници, ќе го брани интересот на државата и на граѓаните и ќе биде посветена на позитивен исход, во интерес на сите во земјата. Тужбените барања во ваков тип арбитражи се секогаш високи. Колку за пример, побарувањата на ‘ELPET Balkaniki SA’ за случајот ОКТА во 2007 година изнесуваа околу 90 милиони долари, по што преку преговори се дојде до порамнување според кое беше платен намален износ од 40 милиони долари. Од друга страна, во случајот ‘Свислајон’, надоместокот од 350 илјади евра кој го плати државата беше неколкукратно помал дури и од адвокатските трошоци на тужителот. За секој спор што Северна Македонија евентуално ќе го добие ќе има право на надоместок на целиот или барем на поголемиот дел од трошоците на постапката.“

Ацо Спасеновски под истрага за незаконско делење земјиште

Поранешниот министер за земјоделство, Ацо Спасеновски, е еден од четворицата поранешни министри за земјоделство кои Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги гони за незаконско доделување на земјоделска помош.

Во февруари поради здравствени проблеми му беше одреден куќен притвор, но нема информации дали му е продолжен или му е укинат притворот. Обвинителството почна истрага против четворица поранешни министри за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште, при што на неплаќачите со години не им ги раскинувале договорите, со што се наталожил долг од над 1,4 милиони евра на штета на Буџетот.

„Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)“, информираа тогаш од Јавното обвинителство.

Поранешниот министер за земјоделство, Михаил Цветков и заменик министерот Кристијан Делев добија 30-дневен притвор, Спасеновски куќен притвор, додека пратеникот и ексминистер за земјoделство Љупчо Димовски го спаси пратеничкиот имунитет.

Поранешните први луѓе на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димовски, Цветков и Спасеновски, како и поранешниот министер Кристијан Делев, кои се од редовите на Социјалистичката партија, се осомничени дека го оштетиле Буџетот во периодот од 2006 до 2016 година.

Анита Салтировска